14.2.18

Зошто настапот на Ставре Јада е важен за Македонија и за Олимпизмот кај нас?

Ставре Јада го имаше својот прв настап на Олимпијадата во Пјонг Чанг. Стартуваше во дисциплината која не е својствена за него и под медикаментска терапија, поради малата настинка во претходните три дена. Но, ова не е воопшто „оправдување“ за претпоследното место во Спринтот (пред чиј старт се откажаа многу од послабите натпреварувачи, па остана само светската елита и многу мал дел „средната категорија“), напротив ова е еден солиден настап што треба да постави нова патека кон вистинскиот успех на овој „нордиец“.



Зошто?

Од многу причини, а јас само ќе наведам неколку.

Прво и основно е што ние како мала земја без никаква значајна историја во овие спортови и без никакви позначајни резултати, настапот на самите Олимписки игри со освоена А-норма е многу поважен. Сепак, Македонија е во оние земји кои има желба и секако „ветар во грб“ што го дава Македонскиот Олимписки Комитет за овие спортови и подготовки. Затоа мораме тие факти секогаш да ги имаме предвид. Не беше далеку настапот на тренерот на Ставре Јада, Ѓоко Динески кој излезе од шумата на стартно целната рамнина во време кога се доделуваа медалите, па тоа стана настан кој цел свет го спомена како „геслото на олимпизмот“ дека нема откажување, важно е да се стигне на целта. Потоа Ѓоко Динески стана нашиот најискусен нордиец, доби стипендии од Скандинавците. Го земаа дури во еден момент и под своја закрила. Ете го денес Ѓоко е тренер на Јада и прави пренесување на искуството кај штотуку полнолетниот Ставре, за подобри и подобри резултати со кои Македонија мора само да се гордее.

Втората работа е што Македонија ни понатаму не може да очекува успех од овие спортисти, ако не направи нешто во државата како комплетен програм, не само за олимписки циклус, туку подолгорочен, десетгодишен или и повеќе.

А како тоа би изгледало?

Многу едноставно. 
Онака како што работат другите мали земји без големи резултати во овие спортови.
Се прави првенство, се филтрираат резултати и на крај по година или три, ќе видат кои се тие во кои ќе треба да застанат целосно финансиски и мотивирачки. А останатите елементи од првенството продолжуваат како филтер за селектирање.

Во случајов тоа би изгледало вака:

Ставре Јада е токму пример за таков исчекор.
За него знаеме е дека е од ретките што има и „генетски материјал“ за овој спорт. Неговиот татко беше „нордиец“, со не многу големи резултати, но со активно спортување локално во рамките на Македонија и околните балкански земји. Неговиот дедо исто така. Во 70-те години од минатиот век освои неколку трофеи во истиов спорт, локално во рамките на Македонските натпревари. Значи, тој дел од материјалот го имаме на вистинското место. Во младиот Јада. И го имаме конечно и на големите настани. Си освои А-олимписка норма. Стигна до Олимпијадата на 18 годишна возраст, нешто за кое неговиот татко и дедо сонувале цел живот.

Е сега, оттука е важен моментот „иднина“.

Да бидеме искрени, со „домати и пиперки“ не се станува професионалец и не се освојуваат трофеи меѓу светската елита. Задолжителен е професионалниот пристап во сите сегменти, од исхрана до одмор, од тренинг до опрема.

Сега е моментот, државата, Федерацијата и самиот Јада, да одат на ниво погоре.
Тоа значи да се обезбедат услови за врвни тренинзи и циклус.
Ставре Јада ќе биде македонска гордост, само под услов да замине да живее во Скандинавија.
Тоа подразбира да биде стипендиран, да замине на пример во Норвешка или Финска, да продолжи таму со школувањето во рамки на спортов. Таму да стане член на некој од нивните клубови. Цела година да се натпреварува, да учи од најдобрите и да тренира со најдобрите. Исхраната и суплементите да му бидат под посебен надзор и режим.

За следната Олимпијада ќе имаме еден друг Ставре Јада.

Нема да се спорни веќе бодовите за исполнување на норма.

И тука е веќе третиот момент потоа. 

Македонскиот Олимписки Комитет ќе биде она наше „ветар во грб“. (а тие знаат како треба и знаат дека се` е остварливо со добра програма и нивната поддршка) 

Тогаш, Ставре „знаменосецот“ ќе биде нашата „нордиска“ гордост. Тогаш нема да се сомневаме дали ќе заврши или ќе биде последен. Напротив, ќе очекуваме влез во финале, а потоа и меѓу првите 10, на следната или таа по неа Олимпијада.

Ставре ќе биде нашиот „нордиски Горан Пандев“, ако смеам да направам таква паралела, колку за пластичен опис.

По Ставре ќе тргнат еден куп Крушевчани и Мавровци.
Најдобрите ќе бидат филтрирани низ државните првенства, а најдобриот еден, двајца или тројца, по 10-15 години ќе ги пратиме кај Ставре Јада во Финска, под негово покровителство да го развиваат „нордискиот спорт“ од Македонија.
Знам дека ова е само една хипотетичка ситуација, но тоа е онаа иднина и тоа е тој циклус што ни е потребен и зад кој сигурен сум дека ќе застане државата и МОК.


А сега е шансата. 
Генетскиот материјал го имаме. 
Да го продолжиме во обликување, форматирање и сетирање.

21.9.17

Зошто Барса нема никогаш да биде исфрлена од Шпанскиот фудбал, ниту по Референдумот?

Досега неколкупати имам пишувано за овој момент што се случува во Каталонија, Референдум, Независност и каде ќе игра Барса потоа?
Ама ајде ќе се повторам уште еднаш со оглед на актуелноста на ситуацијата.

Зошто е ова само уште една лоша кампања за застрашување, во однос на фудбалските перцепции? (бидејќи реков дека ќе пишувам само за аспектот на Барса и фудбалската „независност“)



Уште кога беше поставено прашањето за тоа дали да има Референдум, пред неколку години, сите медиуми објавија што во своите изјави рече Претседателот на Лигата, Хавиер Тебас, дека „ако Каталонија изгласа Независност, Барса и Еспањол нема да настапуваат во Лигата“. Но, како и по обичај ова беше само уште една популистичка кампања, како и сите претходно, промовирана со поддршка на Владата во Шпанија, за да се внесе страв и хаос меѓу гласачите во Каталонија, кои сепак ја разбираат „приказната“. Бидејќи 90% од новинарството во светот се сведува на „препишувачко“ (веќе имате стотици милиони „независни“ медиуми во сите форми кои буквално се инсталираат на сите видови електронски мрежи и само пренесуваат) многу е лесно да започнеш кампања која ќе се рашири како „оган во сува шума“ за дел од мигот. И никој потоа веќе нема да се прашува ниту за суштината, а впрочем таа и лесно ќе се заборави.

Имено, Тебас беше многу провиден во својата кампања, бидејќи воопшто пред се` тогаш не стануваше збор за отцепување на Каталонија, туку Реферундум со кој се покажа волјата на народот. Но Кампањата која беше нарачана во тој даден момент да функционира, не е важно дали беше суштинска или беше наменска. 

И тогаш запишав дека ако се изгласа Референдум (кој Владата на Шпанија сепак не го дозволува) тоа ќе биде еден процес од неколку години со кој потоа би се администратирале сите понатамошни активности на отцепување. Тоа во старт значеше дека ниту Ел Класико ќе запре, ниту пак некој ќе се одвои од фудбалската лига. Но, знаејќи дека народот на тие простори „живее за Фудбалот“ тоа беше еден од најлесните варијанти да се промовира „стравот за успешен Референдум“, да се вгнезди токму „можноста дека фудбалот ќе им се распадне“.

Така и би.
Поминаа години. Се изгласа можноста за Референдум, а со Барса не се случи ништо по тоа прашање.
Сега на ред е Референдумот.
Прво и основно и да се реализира, а секако дека ќе биде успешен, пак ќе поминат години на тегавење додека се реализира сета приказна.

И затоа повторно се`e „јово наново“.
А вчера и официјално ФК Барселона издаде соопштение, дека ја почитува волјата на народот и секогаш ќе стои во одбрана на слободата и демократијата во однос на самоопределувањето.

Е сега одиме на следниот апсект.
А тоа се двата клуба кои реално ги носат најголемите пари на Лигата.

Самите клубови и Реал Мадрид и ФК Барселона се против поделба на Лигата во секој случај. 

Бидејќи Референдум секако дека ќе има, а Шпанија тешко дека ќе може да го спречи самоопределувањето (ако не сега следната година или таа по неа) веќе, во тајност се размислува за дополнување со нов член во законот ако дојде до „успешен Референдум“. 

Како што сега во законот постои можност за учество на независна држава во Ла Лига, да се донесе новиот член за учество и на уште една независна држава, во случајов, Каталонија. Дури се откриваат веќе и возможните предлози во самата Федерација дека има предлог да се дополнат активностите и да се смени името во „Лига Иберика“. Тоа нема да може да го спречи ниту УЕФА, ниту ФИФА, бидејќи најголемиот буџет од маркетингот, фудбалски, индивидуален и клупски го добиваат токму од Шпанија, од Реал Мадрид и ФК Барселона. 

Се оди до таму што исфрлањето нема да го дозволат ниту Адидас и Најки кои се заеднички истомисленици по ова прашање, а се главни носители на финансиите во фудбалскиот свет. Самата ЛФП ова многу добро го знае дури и во договорите со МедиаПро со Реал Мадрид и ФКБарселона и за Ел Класико и за Лигата на Шампионите. 

Во прашање се милијарди евра, а не неколку милиони.
Од тие причини, на пример во Kаталонските медиуми, оваа вест е ставена во маргините на насловните страни, а во мадридските медиуми е распостелена веста на насловната страна како нешто кое треба да заплашува и да биде пренесено низ цел свет.

Ова се само едни од притисоците кои ќе следуваат и во наредните денови. 

За волја на вистината и самите во ЛФП, знаат дека ФКБарселона уште пред 9 години доби покана за настап во Француската лига, а од пред 7 години и покана за настап во Премиер Лигата што практично беше преседан во Шпанија. Иако генерално се дискредитираат овие факти и никогаш нема да бидат негациски потврдени од самите Федерации, бидејќи документацијата со понудите се чува во канцелариите на ФКБ, (едната јас, како автор на текстот, ја имам лично видено со сопствените очи, без да ми се дозволи да извадам каков било технички апарат за да ја фотографирам. Нормално, тоа е консензус на сите Претседателства, да се објави само кога ќе биде неопходно, бидејќи сепак станува збор и за „друга страна“)

Од тие причини, далеку е распадот на Ла Лига (без Барса во неа) се` додека милјардите евра се слеваат во касата на Шпанија од самиот фудбал, без оглед дали ќе има Референдум за независност и без разлика дали тој подоцна ќе се реализира. 

Сите страни знаат дека процесот понатаму е многу тежок и за едните и за другите ако бегаат и се оддалечуваат во аспект на ова прашање. 
Но, тоа не значи дека политички или територијално ќе останат зависни. 

Свонси и Кардиф, Монако се типичен пример на таква функционалност. 

Како дополнување на ова се и барањата во УЕФА кои сега засега се ставени во процес на мирување, токму поради Шпанија и Каталонија, а се однесуваат на спојувањето на лигите меѓу Холандија и Белгија, барањето на Селтик и Ренџерс да играат во Премиер Лигата, спојувањето на една Скандинавска лига од Шведска, Данска, Норвешка и Финска. За Балканската Лига веќе се` почесто читате.

УЕФА ќе молчи се` додека не се реши Шпанија, а потоа ќе мора да даде согласност по веќе предложените барања за кои НИКОЈ не сака ниту да пишува, ниту да прашува. 
УЕФА е во „статус кво“ фаза.

Затоа ова е само уште една ударна кампања која извира директно од премиерот Рахој, а се однесува на моментот „Независна Каталонија“. 
Мора да се проба со сите средства, а потоа, ако не успее и ако Каталонија започне процес во кој ќе добие независност (во следните 2-4 години) ќе следува надградувањето за кое пишавме претходно - Лига Иберика!
Финансиите одлучуваат, на крајот, за новата Лига Иберика.
Како и секогаш досега.

3.8.17

„Крушевскиот Илинденски Манифест“ не постои како оригинален документ!

Кога сме веќе кај Крушевскиот Манифест, веројатно дека најголем дел од вас не знаат дека НЕ ПОСТОИ никаков оригинален текст на Манифестот, туку тој е пишуван ПО СЕЌАВАЊЕ на Никола Киров Мајски во 1923 година. 

Да, ПО СЕЌАВАЊЕ и во 1923-та година! И ден денес историчарите се спротивставуваат со ставовите дали Манифестот го напишал Мајски или братучедот Никола Карев? Како и да е, никогаш нема да има ОРИГИНАЛЕН документ. 

А текстот на Манифестот ПРВ ПАТ е објавен во драмата „Илинден“ (со поднаслов: „Слики од великото македонско востание пред 1903 година“) на Никола Киров Мајски во 1923 година. Мајски умира на 2 август 1962 година во Софија и оваа вечна тајна за постоењето на Манифестот останува закопана во неговиот гроб. 

Ова колку да знаете, тие што не знаете...а ве има огромен број.

(објава на Фејсбук) 


7.7.17

Зекири е нормална појава во едно девастирано општество, но...

Кога имате пред себе една девастирана држава и општество кое воопшто не наликува на нешто што би требало да функционира по барем основните цивилизациски стандарди, тогаш воопшто не се изненадување никакви пост фестум девијации на функции, девијации во управувањето и едноставно девијации на „ново“ видување на нештата, колку и да сакате тоа да е така.

Токму од тие причини на Македонија и се случи Зекири.



Зекири, со став на лице кое е назначено да раководи со држава. 
Лице кое треба да создава услови за живот на милиони други. 

Од тие причини, партија на власт (секако и на опозиција, која еден ден тежнее да дојде повторно на власт) мора да внимава какви "лични ставови" става на функции. Затоа не е исто да разговараме за таков личен став на човек меѓу нас и на човек кој треба да носи одлуки во името на сите нас.

Затоа треба на сите тие функции да се ставаат луѓе кои се најдобрите од сите нас.

Луѓе кои имаат расчистено со предрасуди и ставови слични на овие. 
Можеби моево е само утопија, но никогаш нема да се откажам од тоа дека треба да тежнеам кон најдобриот избор.

Зекири не ја утна, тоа е негов личен став за кој можеме да дебатираме 1001 ноќ.

Партијата на власт ја утна.

И се закопува уште повеќе со тоа што не извлекува поука од сите поумни кои го критикуваат моментумов.

А можеби помина времето на критика, којзнае!?

2.7.17

Само проста маса можеш да манипулираш со Про Боно работа во власт!

Работењето Про Боно (во буквален превод „за добро“, а се однесува на работа за која нема да се бара финансиска надокнада) е една реално и суштински многу хумана акција. 

Многу препознатливо е кога адвокатите прифаќаат Про Боно работа.


Но, да се прават спектакли од прифаќање Про Боно функција во високата државна политика или во администативни функции на Влади и нивни администрации е сосем различно препознавање.


Тоа е она што најчесто простата маса не го разбира и дозволува да биде изманипулирана.

Секој би работел Про Боно ако може да има целосна контрола врз Бизнис климата во државата, ако авторитетот на функцијата му дава да ги влече конците со кои ќе се зголемуваат приходите на „фамилијарниот“ или „личниот“ бизнис.

Голем дел од политичарите (читајте ја Наоми Клајн за да ви биде појасно, за сите вакви примери во „големите светски Влади“, на пример) дури и инвестираат огромни пари за да бидат избрани за функција во Влада, а потоа да ја извршуваат функцијата Про Боно. Затоа е комплетно погрешно од такви ликови да се прават икони, идоли и квази-хумантирци. Такви ликови многу добро си пресметале зошто се токму на тоа место „Про Боно“, во милиони и милиони евра, долари или која и да е валута.

Затоа подобро е малку да почнете да учите, да размислувате и да не дозволувате медиумите да ве влечат за нос како тоа некој со многу кеш работел Про Боно во рамки на Влада или Владина институција, „за доброто на државата“.

Никој. 
Никогаш!

17.6.17

Разликата меѓу соц.мрежи и реалниот свет

Социјалните мрежи се разликуваат само во едно нешто од реалниот свет.


И во светот околу нас што го живееме ја гледаме истата проста маса која најчесто ја одбегнуваме за комуникација по социјалните мрежи. Не со секого влегуваме во коментирање и дообјаснување исто како што во реалниот свет НЕ со секого пиеме кафе и се дружиме низ муабетење во слободното време.


(нормално дека ова важи за умните и интелигентните, не за оние кои мислат дека тоа се, а и со шуто и рогато се објаснуваат кој е во право, под велот на некаква си квази-демократија дека секој има право да каже што сака)

Разликата е само во едно.

На социјалните мрежи и оние кои едноставно немаат ниту два грама ум, а се самоуверени дека се најумните на светот, благодарение на тастатурата и интернетот се „видливи“, колку-толку. Некој им „обрнува“ внимание.

Додека во реалниот живот таквите не постојат.
Ниту ги гледате по улици, ниту по театри, кино сали, кафичи, дискотеки и слично. Едноставно, нивниот живот е само онаму каде има интернет.

Е толку е разликата меѓу социјалните мрежи и „социјалниот“ реален свет.

Останатото каде нема разлика е само 1%.

(исто како и со читателите на овој текст. 1%)

5.6.17

Заев, сега и кај тебе е ракометната топка, како и останатите по неа!

Го почнувам овој текст токму на овој начин, бидејќи пред многу години додека сеуште беше во опозиција, а далеку од Премиер, во „Топки“ го презентираше еден од најубавите спортски проекти за насочување на данокот во општина Струмица во спортски цели. Тогаш беше пионер во Македонија, а тој одличен проект беше блокиран за воспоставување на државно ниво само поради тоа што не беше проект на партијата на власт. 

Таа погубна политика ја видовме во изминативе години. Веќе нема да ја споменуваме. Небитна е понатаму.

Денес Вардар стана шампион во спортот кој очигледно многупати досега ни покажа на сите нам дека е „Спорт Број Еден“ во Македонија.

По 15 години од женската титула во истиот спорт, Македонците може да се радуваат на нова, овојпат во посилната категорија, иако на дофат на рака е и уште едно повторување и во женска, пак.

Но, што е сега битно?



Дали ќе ги прокоцкаме годините кои следуваат како што тоа се случи со Кометал?

И тогаш „странци“ го направија успехот. Македонија не успеа да го искористи нивниот успех на најдобар начин и да направи влијателна репрезентација и влијателен клупски ракомет во европски и светски ранг. Даде државјанства и туркаше малку по инерција. Но кога требаше да се создаде сопствена база, згасна се`. И ракометарките и базата и клубот и спонзорството, а на крај и репрезентацијата. Не се искористи нивното присуство во Македонија додека беа активни и додека можеше да се „пресликува“ нивниот успех низ она кое нам требаше да ни биде база.

Сега ја имаме истата ситуација.

Но, сега ве имаме и вас, новата Влада и тебе Зоки кој знаеш и имаш големо искуство како се прави успех во спортот. Струмица беше одличен проект. Затоа не треба да се заборави се` направено тогаш. Напротив, да се продолжи со посилно темпо. Да се формираат институции ако треба и аналитички центар за да се испита теренот. А потоа чекор по чекор, да се внесе ракометот во задолжителните предмети во основното образование. Да се оди чекор понатаму и да се дозволи на сите во Македонија да имаат бенефити од овој прекрасен спортски успех.

Без оглед што сите знаеме дека Самсоненко е пулен на вашиот политички противник. Без оглед што и вие знаете дека нашиот најдобар ракометар на сите времиња е побизок до власта која замина, неговиот камп и тоа што го прави треба да биде дел од секоја нова и прогресивна спортска програма.

Без оглед што, генерално, оние кои заминаа вложуваа повеќе во спортот отколку во времето на Бранко кого спорт не го интересираше ама воопшто.
Одважете се и спојте го убавото и успешното во иднината на спортската Македонија. „Академија Пандев“ нека биде исто така огледалото во кое ќе се погледнува како треба да се продолжи од денес понатаму.

Тоа е многу нормален процес секаде во светот, во земји кои немаат многу успех во сите спортови. Азербејџан го направи шахот и каратето задолжителен предмет во основните училишта, еве на пример.

Не правете го она што го направија со „македонското ватерполо“ за кое срам ми е и воопшто да пишувам. (а се надевам дека еден ден некој и ќе одговара за тоа перење пари што го направи тогашната власт)

Затоа, сега е времето Македонија да профитира од овој успех и да се создаде расадник со кој ќе се гордееме ракометно низ децениите нанапред. Не повторувајте ја грешката од претходниот успех.

Тоа го можете, затоа што знам дека добро го знаете.

Топките од спортот се сега во вашите раце, институционално!

18.5.17

ВЛАСТА СЕКОГАШ МОРА ДА БИДЕ И КРИТИКУВАНА, КОЈА И ДА Е!

Секогаш е убаво кога има промена на власт, посебно ако со таа промена се отвараат слободни патеки во враќањето на нормалните текови од животот, правна држава, Уставен поредок и права, медиумски слободи и воопшто цивилизациски тек на настаните кои следуваат.

Но, никако нема да може да ми биде прифатливо еуфоричното бескомпромисно поддржување на Власта, која и да е, каква и да е.


Власта СЕКОГАШ мора да се критикува!


СЕ КО ГАШ.


И тоа е тоа што нема компромис.


Затоа што секоја власт има моќ на владеење, троши народни, буџетски пари и не секогаш води правилни политики.


(се надевам дека знаете дека најголемите борби меѓу позиција и опозиција како и борбата за власт е токму темата, кој да го распределува Буџетот, кој достигнува годишно неколку милијарди евра)



Работникот/народот секогаш ќе бидат во јарем стегнати под законите на таа Власт, која и да е.


А основните цивилизациски права и слободи може само народот сам да си ги штити, да се бори за нив и да ги зголемува.


Токму така.


Од тие причини, намалете со еуфоријата, за да не биде после плачки и кукумјавчење.


Секоја Власт треба да биде подготвена да ги реализира ветените нешта, а конкретно оваа нова Власт и да ја врати Државата на вистинските цивилизациски патеки, да ја ослободи медиумската сфера од робовладетелството и нека почне да го разрешува криминалот институционално како што доликува на секоја европска држава.


И треба да биде под будното око на народот кој ќе ја фали или критикува.
Само така може да се гради нормална држава.


Никако на друг начин.


Другиот начин го видовме и никој нормален не би сакал веќе да се повтори!

17.5.17

И СПОРЕД ХАРМС БИ ГО ДОБИЛЕ ИСТИОТ ОДГОВОР НА ПРАШАЊЕТО „ШТО Е МАКЕДОНИЈА?“

Ако во една земја, Уставот се прекршил многупати, ако истиот тој Устав секој си го толкува како што си сака, ако има Уставен суд кој исто така си работи „на повик“ прекршувајќи го „по потреба“, па повлекува дека мене како човек и жител не ми се гарантирани правата според тој Устав запишани, тогаш можеме ли да збориме дека воопшто и постои Устав?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.

А ако не постои Уставот реално и во практика (а гледаме дека е така) тогаш дали можеме да зборуваме дека постои Држава?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.



Епа ако не постои Устав и не постои Држава, за што воопшто збориме и како административно ќе ја именуваме територијата која ја познаваме како Македонија и на која реално живеат луѓе?

Македонија која постои на хартија, но реално во практика Не, сем како територија со луѓе?

Можеби ова не е Циркус Принтипрам, ниту сум јас Данаил Хармс, ама овој причинско-последичен заклучок е многу реален и точен, без оглед дали вам ви се допаѓа или не.

Е од тука се повлекува и следното, дека не може да се распадне административно нешто што реално и не постои. (територијата ќе си остане и луѓето во неа, секако)

Затоа, не чудете се дека парчето територија кое денес го нарекуваме Македонија и кое имаше големи шанси да стане добра и квалитетна држава (добра и квалитетна, според сите цивилизациски стандарди), сега допрва ќе се формира, без разлика дали под протекторат или нечие менторство.

А Данаил Хармс исто така, може да го сакате или да не го сакате. Сеедно. Исто како фактов кој штотуку го прочитавте.

12.5.17

МАЛКУ ЗА ДИЈАСПОРАТА, КОЈА ОЧИГЛЕДНО ВЕ ПОТРЕСЕ СО ЕВРОВИЗИЈА...

Не дека сум изненаден оти е прв пат, туку сум изненаден како еднаш засекогаш не сфатите дека се` на купче е гола вода.

Да, гола вода!


Како што Ина „НАЈ“ Многуфина напиша хируршки-прецизно во еден пост „Не е Јана крива, тимот што со години ни ги троши парите е гној! ‬Едни исти луѓе идат со наши пари на прчикур на Евровизија секоја година! Приватна журка ли е шо ли е?“, токму така и е.


Прчикур, приватна журка.

Но, за нив нема да коментирам, бидејќи со години перат државни пари, се чаталат во името на МКдонија и „мува не ги лази“. Веројатно, малку повеќе е од приватна журка. Само штета што има многу што тоа го знаат дури и во МТВ но не смеат да писнат, бидејќи како црева се исповрзани на своите работни места од раѓање до смрт.

А дијаспората, која толку многу ве потресе и не фрли ниту евро (или одвај едно) за да „потпомогне“ со глас повеќе, тоа ме чуди!?


Треба да ви се нацрта за да сфатите кои се се` дијаспора?


(да расчистиме на старт, зборуваме за најголем дел од дијаспората, можеби и до 90%, не за Свесните)



Уште не сте си ја направиле анализата, за да не се штрецнувате од фактите? Или поубаво ви е да си ќутите за да не го собирате гневот од „селаните во белиот свет“?

Токму така.


Вие очекувате поддршка од селаните кои во опинци тргнале по „парче леб“ и во меѓувреме не достигнале прогрес, сем на финансиски план?


Тие „Вода во очи“ немале, а сега барате да фрлат 2-3 евра на смс за МКдонија? (ќе држеше вода муабетов, да беа во меѓувреме освестени)


Дијаспората, најголем дел се од селата, на кои најголема цел им е да направат капитал што подразбира само добар автомобил за враќањата во МК и куќа на неколку спрата која ќе стои празна од Божиќ до Велигден и од Велигден до лето.


Сакате дијаспората да фрли 20-тина смс, олицетворена во лик кој живее во гето, доживува оргазам на ајвар што го има најмногу во своите подруми, уште замуцкува на јазикот во земјата каде живее бидејќи и по 2о години не го научил како што треба?


Сакате неговата фамилија да потроши 20 евра во годината за гласање, а кутрите ниту кино виделе, да не зборувам за одење во Театар, Балет или Оперска сала? (можеби не ни знаат што е тоа, којзнае!? Бидејќи главното онанирање им се Цеци, Меци, Драгани и останати турбо фекалии. ... среќа што не го разбираат ни зборот „онанирање“ па можеби и нема да станат бесни од текстов:)


Очекувавте дека таква дијаспора ќе ви даде поддршка?


Можеби, само ако ги анимирате со некој „Евровизиски викенд“ во нивното гето со гратис кобасици, пиење, плескавици и ќебапи...тие тоа го викаат Пикник. Македонски Пикник. хахахахахаха


Вие очиглдно дека не знаете што значи Македонска Дијаспора!?


Таа функционира за време на гласање и најчесто по прашањата „Кога ќе е Солун наш?“, „ВМРО до гроП“, „Гоце на тераса“ и слични мешетарења на темите за „Македонија не ја даваме...“


Затоа сте ми чудни, вие кои сте Свесни, Освестени и умни.


А делот кој е во дијаспора и е Свесен и Умен, е малку.... нормално... и тој не се замара најчесто со вакви мас популистички занимации како Евровизија и слично.

Можеби и јас грешам воопшто што пишувам на темата, ама ме испоровоцира ќеифот за пишување :).

Во име и за чест на малкумината умни во дијаспора и сите свесни и умни во Македонија, кои рака на срце ги има далеку повеќе отколку во дијаспора.