29.2.08

СИЛАТА НА УДАРОТ НЕ ЗНАЧИ И УСПЕШЕН УДАР

Последните натпревари во средата ја отвараат завршницата во најубав крај.
Барселона, за првпат ја гледав во ваква формација од првите минути. Да бидам искрен, иако читав дури еден ден претходно дека Рајкард ќе стартува против Валенсија со Анри, Меси и Ето` а веднаш зад нив Деко и Чави, исклучувајќи го Иниеста, малку бев скептик дека тоа се само шпекулации. Очекував дека на неколку часа (како што многупати тоа го прави) Рајкард ќе ја објави вистинската формација... Но, не се случи. Бев исклучително нестрплив до 22 часот. Го следев атрактивниот и незивесен дуел Интер - Рома, а со умот бев на Камп Ноу. Претпоставував дека тоа ќе биде дуел на мачка и глушец, во кој Барса требаше (според моите претпоставки) да ја распара мрежата на Хилдебранд.
Нестрпливоста ми стана уште поголема, откога ме задоволи и резултатот на Лацио, нови три бода за опстанок...
Старт на Камп Ноу...


Експеримент Рајкард: „ГУШЕЊЕ НА СРЕДНИОТ РЕД„!


...Натпреварот заврши.1:1.
Јас сеуште не верував, што гледав.
Неколку факти долго во ноќта ми одбројуваа.
Валенсија, првпат конкретно се закани во 67-та минута и постигна гол.
Имаше само два шута кон Валдес, наспроти 28-те на Барселона.
Тимо беше фантастичен.
Барса изведе 13 корнери, а Лос Че ниту еден!
Да не беше „рачето„ на Ето`, можеби немаше да има ни изедначување.
Страшно!
Анри, неколкупати се судри со Чави, и тоа во препознатлива акција од нападот. Воедно беше и еден од најслабите.
Двапати дури и камерите го забележаа тоа.
Деко беше вон ритам, или доцна или го немаше.
Абидал со неколку добри излети направи прогрес во играта.
Меси и Ето повторно меѓу најдобрите, но како средината да се гушеше самата со себе.
Милито фризиран во улогата.
Пујол повеќе повлечен, како што играше пред години. Во секој случај регресивно.
Влезе Иниеста.
Доцна.
Бојан, личеше на: CTRL+C Меси CTRL+V.
Бледо.
Валдес, двапати имаше работа, еднаш погреши. 50%. Многу слабо.
А резултатот очаен.
Очекував дека ова ќе биде газење.
Каталонците, едвај спасија глава.
А Валенсија никаде ја немаше, не спои ниеднаш повеќе од три додавања, а беше на чекор од победата.
Експериментот не успеа.
Ѓаволот ја однесе шегата.
Среќа што ова се случи во најслабото натпреварување и среќа што за ова не летаат глави. Атлетико со ваков среден ред и напад, тешко ќе се совлада дури и ранет, каков е сега. Да не зборам дека овој експеримент, скапо би го чинел дури и во борбата против Реал и во Лигата на Шампионите.
Но факт е едно. Фудбалерите нималку не се криви. Го дадоа повторно максимумот. Да се надевам дека Рајкард научи нова лекција, на која бевме сведоци и ние со него... за првпат... и дај Боже, последен.




П.С.

„ Во Валенсија сигурно дека најпозитивното беше промовирањето на Хилдебранд во прв голман уште долго време. Кањизарес, готов е за пензија или за друг клуб... А зошто не ја искористија приликата па да го наполнеа Валдес? Неможеше да се пробие средината... толку беа измешани лончињата што се гушеше дури и нападот на Валенсија, кој беше вовлечен во експериментот на Рајкард... а како ли ќе беше ако на местото на Куман беше Мурињо кој „бодеше„ со долги топки прескокнувајќи од линија во игла или пак Анчелоти, кој може така да ја дозадуши (умртви) противничката средина, ослободувајќи простор за прелет кон шпицот кој пак дреме на линија офсајд...којзнае....„

26.2.08

ФЕСТИВАЛОТ ЗАПОЧНА...

Барселона е голема дури и кога е во подредена положба, во каква беше од декември па наваму. Минус два, тоа е последниот одговор на прашањето за шампионската титула во Примера.
На Камп Ноу имаше фестивал на голови. Меси брилјантен, Ето` и повеќе од прецизен. Бојан чекаше минута, експлодираше за секунда. Се на се, фасцинантно. Иако можеби некој ќе рече, противникот е дното во Лигата, а во моментов и во финансиско-организаторска криза.
Но без оглед на тоа, оваа победа доаѓа во вистински момент, за стимул, кој е неопходен во наредните 10 дена кои следуваат.
Копа дел Реи, Првенство, Лига на Шампиони.
(не случајно и репрезентациите во последните тренинг натпреври пред СП или ЕП, бирааат послаби репрезентации, поради кревање морал)


Реал поради „детски болести„ загуби три бода


video



Шокантен пораз, кој не смееја да си го дозволат. Посебно не поради „детска играрија„. Ова е уште еден доказ дека судиското свирче е последно. Ја знаете онаа: „двајца се караат, третиот користи„. А во случајов третиот беше Барса. Ова воопшто не е преседан во фудбалот, вакви примери има многу, почнувајки од пред 20-тина , а можеби и повеќе, откога јас се сеќавам. Ни случајно, не смееше да се дозволи такво невнимание, без да се забележи судиската одлука. Уште помалку да се влегува во кавга со линискиот судија... а по примениот гол, веќе не беше ништо исто. Можеби и Реал ќе победеше да не го примеше тој еден единствен контроверзен (но сепак чист) гол.

Петката стана двојка

Минатата недела реков дека петте бода предност се недостижни.
Се е во рацете на Шустер и фудбалерите.
Очигледно е дека се достижни.
Петте бода беа големи како риба, која им се лизга од раце.

Веројатно анализата на неделниот натпревар нема многу да помогне, но сигурно ќе биде од големо олеснување одморот кој ќе биде исполнет со редовни тренинзи, додека конкуренцијата ќе има исклучително тежок натпревар, во Купот на Кралот.
Фестивалот започнува во среда, и тоа на три фронта. В сабота Барса гостува на Атлетико Мадрид. Агуире е пред отказ, Атлетико е во криза, во најнезгоден момент, за Реал Мадрид. Токму така. Кој да очекуваше дека токму сега ќе опадне моралот на комшискиот тим, ќе испаднат како фаворити од Купот на Уефа, ќе бидат поразени од аутсајдерите во Лигата и на крај ќе им бега се полесно и полесно и местото во Европа, наредната сезона. Само да напоменам дека притисокот од пањоладата ќе биде дополнителен пред саботното дерби. Искрено, малку верувам дека пред вака важно и големо дерби, ќе гледаме пањолада, но сепак не е исклучено.
Реал оди на Рекре, кој е само два бода од испаѓање, во која група се и Бетис, Сарагоса, Билбао (кој никогаш досега во историјата не испаднал, па веројатно нема ни сега), Осасуна, Мајорка, Ваљадолид и Хетафе. Само два натпревари во кои би кикснале и било кој од овие тимови ќе биде наредната сезона во Б-лигата. Тоа значи, дека ако Бетис гризеше, Хетафе исто, што ли останува на Рекре во Уелва. А згора на се, на Реал (како на шампион) најтешко му е да игра против аутсајдери. Тие тогаш ги остават последните атоми сила на терен, сепак тоа им е предизвик за кој се подготвуваат со посебни тренинзи. А тоа знаете што значи, посебно во ваква резултатска криза...

Рајкард?

Сите оние кои довчера беа главни критичари и поборници за негова смена, денес дипломатски и скоро преќутно со пофалби за новосоздадената ситуација. А најгласен меѓу оние кои го подржуваат, утринава изезе Стоичков, кој не бираше зборови за да го пофали Рајкард како исклучително умешен и голем тренер. Пофалница каква не сте слушнале... (!?)



Јас сеуште стојам на ставот дека играта и можниот резултатски пресврт дека се должи исклучиво на ентузијазмот на екипата, која е многу повеќе од една обична фудбалска екипа. Тоа е пред се друштво, кој (согласно годините) заедно играат „Плејка„, заедно се на ручек, на плажа, во „Буда Бар„ во петок навечер, и во „Ла Карета„ на бифтек... Барселона е повеќе од клуб, ама тимот е повеќе од екипа.
Има една латинска поговорка „Dum spiro spero„ (додека дишам се надевам) што претпоставувам отсега па до крај ќе важи комплетно за сите навивачи на сино-црвените.

ДОПОЛНИТЕЛНА ТРЕВОГА !

Моите претпоставките остануваат.
Пресудни ќе бидат 27,28 и 29-то коло.
Сеуште е рано за било каков можен епилог.
А потоа ќе може да се откријат картите.
Барса ќе ги знае своите цели во Европа и во Купот на Кралот.
Реал исто така, за разлика од Барса, порастеретено ќе минува повеќе слободни денови од каталонците.
Ќе си дозволам само да откријам дел од моите претпоставки, дека Барса далеку ќе стигне во Лигата на Шампионите и евентуално во Купот на Кралот. А се сомневам дека ќе го издржи и третиот фронт.
Но и во ова има една друга страна, за која ниту јас ниту било кој може да знаеме како ќе се развива... наближува ЕП, а европејците „со едната резенка од умот„ ќе префрлаат топки во Австрија и Швајцарија. Тоа е токму периодот на завршницата. Уште и ако има некоја ваква слична разлика, тогаш се е можно. А само да потсетам, критичните точки на Реал, се фудбалери кои ќе настапуваат на ЕП, а критичните точки на Барса се фудбалери кои не се под овој притисок.

П.С.

„... се ќе биде уште позаплеткано ако на 14 март во Нион во 12.00 часот во еден од следните натпревари бидат извлечени Барселона и Реал Мадрид како меѓусебен дуел... (предуслов, Селтик и Рома да бидат минато) ... а тоа чувство ми е се посилно и посилно, (базирано на ништо друго сем интуиција) која годинава ќе ја направи уште поголема... спектакл на сите можни полиња...„

25.2.08

ИСКРЕНО ЗБУНЕТ, НО И СО СТИМУЛ ПОВЕЌЕ...


Не случајно вака го започнав овој пост, малку повеќе личен, малку помалку спортски и многу повеќе збунувачки, барем за мене. За првпат во мојата професионална кариера, можам да бидам учесник на коментирање за нешто што го работам, посветен со цело срце и душа. Токму на страната на еден од моите блог пријатели (Дарко Василевски - автор на блогот, кој да бидам искрен сеуште не го познавам лично), а коментарите внесени на страницата се од луѓето, кои исто така ги запознав преку оваа интернет алатка, и пред се преку телевизиската професионална работа. Отсекогаш директно сум учествувал со сите мои ставови на секој блог, кој ми предизвикува некаков интерес, без оглед дали ме повлекол позитивно или негативно... секогаш тоа сум го разбирал само како еден чекор кон прогресивен и евентуален нов став... но, овојпат сеуште сум во фаза на размислување откога (денес, недела) забележав пост токму на темата „ТОПКИ„. Нормално дека пред се ми е чест, кога гледам (читам) дека некој го валоризира мојот труд... многупати критиките ги прифаќам, бидејќи и јас отпосле забележувам дека е навистина така, нели не е срамота да се згреши, ако подоцна се има тенденцијата грешката да не се повтори... Но, овојпат навистина останав без одговор... Како и во моментов...Бидејќи работам исклучиво за единствена насочена цел, гледачите (а тоа сте токму вие), без оглед на се што се случува наоколу, ми дадовте уште поголем стимул и уште поголема желба, не само да соработувам со сите Вас (вљубени во фудбалот, како и јас) туку во иднина да размислам за уште поголема и појавна комуникација (во телевизиска форма) со Вас и Вашите ставови... верувам дека само така ќе излезе на површина квалитетот на спортските анализи, ставови, размислувања и коментари во оваа блоговска македонска сфера... повеќе од очигледно е дека токму тука се наоѓа квалитетот кој недостасува во голем дел од спортските редакции на телевизиите во Македонија...