2.4.10

НАЈУБАВИОТ, НАЈЕЛЕГАНТНИОТ И НАЈНЕИЗВЕСНИОТ ФУДБАЛСКИ ПРАЗНИК . . . СО ВЕЛИГДЕНСКА ЗАВРШНИЦА !

Прекрасна средба, после која прво што ќе кажам е мојата лоша проценка од претходниот текст за една битна фигура од првиот дуел.

Алмуниа е првата моја лоша проценка.
Очекував дека ќе биде на „висина на задачата„, просечен како и секогаш. Но, овојпат Алмуниа беше фантастичен, неверојатен, и комплетно без вина дури и за двата примени гола. Меч кој и самиот верувам ќе го памети и штета што неговиот тим не му овозможи цел живот да се сеќава на овој дуел. Во стил на ракометен голман сигурно дека на Меси, Чаби и Ибра, голот со него на средина им изгледаше помал и понизок.

Пеп постави повторно две слични полувремиња.
Првото со пресинг од трите линии, пошироко развлечени со постојано позиционирање што поблиску до голот на Арсенал.
А второто, слично, но малку во обратна високо позиционирана формација. Комплетно трите линии позбиени со поголеми работни задачи наназад кон голот на Валдес.

Причините се јасни,со само една цел, да се постигне што порано гол.
Нешто што му успеа во второто.

Позбиени редови за потешко пробивање на Фабрегас, Насри, Аршавин и Бенто.
(Што не беше иста препрека и за Волкот, човекот кој на моменти знаеше да ја измеша крилната одбранбена линија)

А од друга страна (во второто полувреме) со така поставени линии, повеќе простор за брз трк на Меси во фор кон Ибра или варијанта од која паднаа и двата гола, со пас кон Ибра (на линија на офсајд) во брза финализација.

Без многу философирање Пеп очигледно, овојпат и без новина во форматирањето на позициите со нови улоги, требаше да дојде до поповолен резултат барем во првите 20-тина минути.Од 2о-тата минута Арсенал успеа да го балансира тежиштето на игра и веќе почнавме да го гледаме тимот на Венгер кој сме навикнале да го гледаме.

Сепак во едно мора да бидеме прецизни, Барселона беше поконкретна иако без прецизна завршница. Не значи ова дека била класа подобра. Не, напротив, од двете екипи кои играат еден брз, динамичен, отворен и секогаш елегантен фудбал, Барса беше за нијанса поконкретна во дисциплинираното остварување на зададената цел.

Венгер, очигледно дека имаше проблеми со составот.
Но, токму тоа Пеп го искористи.


Сонг во дефанзива дезориентиран, а при транзиција во напад со него се создава критична точка. На вакви две слично-концепциски екипи еден човек може да направи разлика, а да не зборувам се што значи во овој случај „критичната точка„.

Бенто подобар од десно отколку централно пред Валдес, нешто што не смее да се изостави од внимание на Камп Ноу, а на Волкот ќе мора да се обрне многу поголемо внимание. Посебно што централниот хендикеп за Барселона во реваншот ќе биде најосетливото место. Милито ќе покрие дел, Маркез би бил неопходен, но дали Туре ќе добие друга задача и дали ќе се активира Марк Муниеса во негово деби во Лигата.

Ова ќе биде тема на Великденските муабети.

Многу нови прашања отвори дуелот во Лондон, а на некои од нив ќе мора да се реагира веднаш.

Фабрегас и Аршавин со сигурност нема да бидат опасност за Валдес.


Но, дали тоа е само првична еуфорија на позитивно расположение за хендикепираниот Арсенал или Венгер планира ново „откровение„?


Како и да е, очекувам во вторник, завршница на празникот по повод најубавиот, најелегантниот и најнеизвесниот дуел од оваа фаза.

No comments:

Post a Comment