23.1.10

ПАРИЧКАТА КАЈ ПАНДЕВ, ОД ЛЕПЧЕТО НА МУРИЊО


(текстот ќе биде објавен во најновиот број на спортскиот магазин Е-Спорт, во кој како подарок ќе биде вметнат и мега постер од најатрактивниот трансфер во зимскиот период во Калчо - Горан Пандев)

Бадник, 11.45 часот.

Штотуку завршив со едно од моите најголеми задоволства кога ќе пристигнат новогодишните и божиќните празници – лепчето со париче, кое со максимална посветеност го превртувам низ прсти, со надеж дека вечерата ќе ја направи уште поблагословена, дарувајќи и среќа и насмевки на секоја следна во годината пред нас. Се токмам за вториот чекор, оризот комбиниран со малку морков во најголемата моја гастрономска тајна, совршенството на Госпоѓата Сарма. Му се радувам на секој миг од вештината со која се преместувам на локациите низ кујната, додека радоста в срце ми ја дополнува емисијата која го исполнува звучниот простор во мојот стан. Нешто разбирам, нешто се мачам, нешто прескокнувам, но знам дека во секоја втора реченица се споменува или Горан или Жозе.

Фрлам око одвреме-навреме, надгледувајќи ја и рерната и ринглите, го впивам секој збор на Бергоми и Маркеџани со најголемите пофалби за играта на Горан Пандев и можеби едно од најдобрите варијанти кои Мурињо ги направил во овој мини преоден рок.

За миг запирам со активностите, се местам пред „плазмата„ и ... и поставен линк пред влезот на Џузепе Меаца.

„Ооооо...топ! Веројатно ќе го видам и Горан.„ – само што помислив ете вклучување, во живо.

Камерманот и репортерот со само една задача. Извештај за доаѓањето на Горан Пандев на првиот тренинг на Интер, неговиот разговор со Мурињо после првиот тренинг, Горан Пандев пред влез, Горан пред излез од тренинг, Горан во Милано, Горан пред автомобилот, Горан со изјава, Горан во влез пред хотел... Горан, Македонецот, Пандев, Горан, Интеристот од Лацио.... за миг се вратив во детството кога се сетив дека само еден таков серијал ми остана в глава како сликовници „Хајди на планина„, „Хајди на училиште„, „Хајди на одмор„, „Хајди кај дедо и„, „Хајди во автобус„ итн...Се доби друга димензија, исто спакувано, во продукција на најголемата телевизиска мрежа во Европа.

Горан Пандев, во еден единствен миг го засени и доаѓањето на Дејвид Бекам во Милан. Тоа се покажа и како факт во анкетата на Скај Спорт, дента на Бадник...

Долго време вака не ми затреперило срцето, не ми ги насобрало солзите на граница да се разлеат од радост, нешто што за миг ме направи силен, горд и моќен. Се чувствував како Супермен, кога ќе го слушнев она италијанското „мачедоне„... И тоа трае и трае со секое ново споменување... Го пуштив гласот на сараундот, нека чујат сите, нека се чуе низ цел град, нека се чуе до сите кои не го фаќаат во живо овој миг, нека чуе цела држава „мачедоне„, нека ечи од Атина до Брисел...

За миг заборавив и на сармата и на тавчето со грав и рибата која се вклопи во преубавиот ден.

Започна играта.

Од првиот ред на дното на тенџерето со најубавото јадење, до топка кон Киву. Го стартувам вториот ред, виткајќи ја дозата добро зачинет ориз во листот од зелка, а коментаторот ми дава поддршка и за третиот ред со „интелигентен потег на Пандев, Браво Горан, каква асистенција до Шнајдер...„... Уауу... ако вака продолжи, верувам дека ова ќе биде најубавото зачинето јадење од мојата гастрономска уметност.

„Горан по левата страна повторно со уште еден потег кој најавува дека Мурињо бил во право со неговиот избор„ - веќе ми создава чувство кое е неприкосновено, дури и неспоредливо со последното дерби кое го гледав на Олимпико, последно и за него во дресот на моите омилени од Рим. И во тој миг се фатив себе си во мала недоумица. Јас сакам Горан да постигне гол? Јас сакам Интер да победи? Мене Интер ми стана драг? Па да, веројатно е и нормално...токму поради него... фудбалерот кој само за 24 часа беше главна вест на сите електронски и печатени медиуми низ Италија. Да, да...веројатно е така, иако никогаш не би можел да бидам навивач на Интер, Горан има приоритет... да, да ... веројатно...

Заврши натпреварот. Дури и голот кој ме потресе и ми направи застрашувачка тахикардија, не ми беше криво што сепак не го постигна тој. Изигра прекрасно деби. Направи одличен старт.

Прес конференцијата во која запаметив само едно и ќе го паметам само тоа секогаш ми го направи денот уште повеличенствен. На прашањето зошто стартувал со Горан кога само што пристигна, што не е негов принцип досега како тренер, Мурињо одговори кратко и едноставно:

„Тоа е фудбалер кој игра со срце„.

Ми затрепери гласот кој копнееше да пушти рик познат само за кралот на животните. Се наежив. Ги исклучив апаратите кои ми ја пренесуваа сликата од Италија. Доволно ми беше. Го видов и чув најважното..

Горан ја направи бадниковата вечер најубава во секој македонски фудбалско-симпатизерски дом.

Не знаев што да направам од радост.

Сакав да летнам до Милано и да му честитам од срце. Да го прегрнам и да му кажам да знае, дека денес цела Македонија дишеше во еден здив со него, без оглед „кој за кој тим навива„. Но тоа не можев да го направам, барем не физички, иако на моменти се почувствував и како Супермен.

Но, знаев што можам да направам веднаш... Го зедов мобилниот, свртив 14 бројки и...

Јас: Ало... Горан, како си?

Горан: Еее, Филе, добро, добро (му се чувствуваше радоста и среќата уште во првите зборови)...како си ти?

Јас: ...Мајсторе, фантастично! Денес мислам дека ни го направи најубавиот ден, на сите во Македонија! БРАВО!...не знам како да ти ги пренесам чувствата... (јас преполнет со адреналин)

Горан: Фала, фала... да, да, добро беше... ќе биде и подобро...

Јас: Горан, кога веќе сме во муабет сакам нешто да те прашам, па може и да им го пренесам тоа на моите пријатели кои денес дишеа со тебе. Може?

Горан: Ајде, ајде...знаеш дека секогаш може (веселата насмевка му патуваше од Милано до Скопје со неверојатна експлозија)

Јас: Како се чувствуваш сега веќе после се? После проблемите со Лацио? Сега кога заврши се и кога веќе покажа на сите во Италија дека ти си тој што сака да игра...

Горан: Па мојата кариера прво не замислував дека вака ќе продолжи со Лацио. Но, знаеш се што се случуваше. Добив многу понуди , но сакав да останам во Италија. Затоа и понудата од Интер ми беше една од најприфатливите. Важно ми беше пред се, да играм... но, ете одлично се заврши.

Јас: Го чув Мурињо што кажа за тебе. Каква ти е комуникацијата со него, знаејќи дека сепак е малку ексцентричен и понекогаш премногу, според мои стандарди, дрзок?

Горан: ...хахахаахаха, не, не Мурињо е прекрасен човек. За сите играчи во клубот има позитивно мислење. Сепак се работи за еден од најдобрите тренери во светот. Тоа е човек што ќе ти каже се во лице. Мислам дека е еден од ретките. Секогаш кажува што да работиш, на секој посебно, и тоа е секогаш за доброто на фудбалерот. Да, мене ме прифати многу позитивно и сме во одлична комуникација.

Јас: Одлично... хмм, вака кога те слушам, ќе направиш и јас да почнам веќе да го гледам малку од друг аспект, иако понекогаш знаел да ме извади од такт... хахахахаха... Горан, каде живееш сега во Милано?

Горан: Па сеуште бараме стан со Надица. Ќе видиме. Знам дека ќе бидеме во центарот. Но сеуште не сме одбрале...

Јас: На „Ла Мадонина„ ќе бидеш првпат. Какво е чувството? Верувам дека ова е посебно доживување за тебе?

Горан: Уф, чувството е прекрасно. Тоа е едно од најголемите дербија во Италија. Посебно што мислам дека Интер и Милан до крај ќе се борат за Скудетото во Италија, со таа разлика што повеќе од сигурно сум убеден дека ќе го освои Интер... (последниот збор му се развлече низ долга благопријатна насмевка)

Јас: Што со Лигата на Шампионите? Повторно си таму меѓу најквалитетните? Овојпат можеби и во најтешкиот дуел, против еден од најдобрите клубови во Европа,Челзи.

Горан:...хммм... види, тоа ми беше еден и од приоритетите, да заиграм во Лигата на шампионите. Интер има големи шанси да го помине Челзи. Мислам дека можеме да стигнеме и до финалето во кое оваа година и ќе ја освоиме Лигата на Шампионите. Ние сите веруваме во тоа, иако нема да биде лесно против Челзи.

Јас: Горан, како гледаш сега на целиот медиумски интерес во Италија кон тебе? Главен лик си во сите вести деновиве?

Горан: ...па, тоа е најмногу поради тоа што мојот случај беше еден од ретките во Италија, нешто што е несекојдневно. Бев еден од оние кои секоја година во Лацио постигнуваа над 10 гола и одеднаш бев тргнат. Сите новинари уште од старт го поставуваа прашањето „зошто?„. Почнаа понудите. Лотито правеше чудни чекори. Новинарите едно време помислија дека тој ќе ја прифати дури и понудата на Јуве и покрај тоа што Мурињо и Интер кажаа дека сакаат да ме видат клубот. И тоа се поради тоа што јас сакав само во Интер и никаде на друго место. Само тука го гледам напредокот во мојата кариера. И веројатно затоа и сега има симпатии и таква медиумска поддршка кон мојот трансфер...

Јас: Горан, не те задржувам веќе... Благодарам и уште еднаш ЧЕСТИТКИ!... ќе се чуеме после „Ла Мадонина„ ...и со среќа...

Горан: ...фала, фала...поздрав и се слушаме.

Го спуштив телефонот на маса и останав да го вдишувам разговорот во наредните 20-тина минути.

Ми текна дека го заборавив последното прашање....аааааааа, сега ми е криво... како можев? Како можев?... а таман сакав да го прашам дали вечерва со Надица ќе имаат во Милано „лепче со паричка„ (кое ќе мора евентуално Наде да го замеси)... како можев да заборавам? ...а сега веќе не сакав да го реметам пак, затоа што знам дека и онака по којзнае колку пати го вртат неговиот број за некакви прашања... ништо, тоа е тоа... како можев?...

Го свртив погледот кон мојата рерна, каде лепчето ја доби поскауваната големина. Ќе го кинеме подоцна и се надевам дека паричето подоцна ќе му падне на најмладиот во семејството... дај Боже...

И ми се проврте уште еднаш непоставеното прашање. Но, во истиот миг сфатив дека можеби и не треба да ми биде криво.

И да има и да нема лепче со паричка Горан веќе „ја доби паричката„ .

Да, ја доби!

И тоа од лепчето на Мурињо . . .