8.1.13

За лошите чекори на ФФМ, за Агим, за Горан и за сите останати во 2013-та!



Македонскиот фудбал ја завршува својата година. Успешна или не? За некого можеби да, за мене аналитички гледано - не.
Зошто „НЕ“? Каде се пропустите? Како понатаму? Зошто следната ќе биде како и оваа, а можеби и полоша? Без успешни квалификаци, без помрднување од „нултата точка“, без визија за иднината. И со „лоша крама“ во првиот чекор од новата, со изборите на сите нивоа.

Без оглед на се што поставив како прашање, сепак за едно мора на самиот старт да се „крене чашата во поздрав“. Решението за координација на сите младински категории, да дишат во еден ритам.  Да се одберат професионални тренери-селектори во сите младински категории, што ќе е спој „во едно“ под водството на еден човек како координатор на сите младински категории. Тоа е она што му недостасуваше на македонскиот фудбал во изминатите децении. Нешто што одамна е правило за сите успешни фудбалски федерации и репрезентации.
Е сега што е она кое е загубено и за кое допрва ќе го плаќаме данокот?
Македонската репрезентација требаше и мораше во овој циклус да направи замена на неколку позиции. Но, не на позицијата на Горан Пандев, како што некој во македонскиот медиумски фудбалски свет сака да протне. Горан Пандев додека игра може да ни биде само од корист и целата игра треба да биде фокусирана кон максимално искористување на тој квалитет, за жал единствен од тој калибар кој ние го имаме. После овој, Горан можеме само уште еден циклус да го имаме, и толку. А како што тргнале „некои“, којзнае и дали овој ќе го завршиме со него. Но, да се вратам на првата реченица од образложението, подоцна пак ќе се осврнам на најдобриот македонски фудбалер на сите времиња (барем според моето мислење, статистики и се` што е номенклатура за фудбалски вреднувања).
Попрецизно, да бидат заменети 5-6, а можеби според некои дури и 7-8 позиции на „старите“ со „млади квалитетни таленти“ кои ќе се калеа низ овој циклус. Младинци, врз кои нема да се прави притисок, ниту резултатски ниту било каков, сем дисциплински и вметнување на новиот сетап. Ќе поминат така низ цел овој циклус, а веќе следниот тоа ќе биде основата за македонскиот репрезентативен фудбал.
Е сега, како што Платини веќе најавува проширување на ЕП, значи веќе во следните квалификации ќе имаме одличен старт, токму со нив кои ќе го понесат товарот за кој ќе бидат веќе подготвени. Веќе би имале реални шанси „да ќариме“ и ние од проширувањето и да имаме прво учество на ЕП.
А сега?
Сега ги имаме квалификациите кои како и да свртиме пак на крај ќе сме „највисоко 4-то место“. А дури и со „подмладувањето“ во вистинска смисла, пак ќе си бевме 4-то место, скоро сигурно.
И што сме добиле?
Загубени квалификации. И веројатно загубени и следни квалификации, кои пак тогаш ќе бидат (бидејќи ќе мораат да бидат!) воигрување на подмладувањето. И така ние всушност со децении се вртиме во круг, а и понатаму продолжуваме да се вртиме. Рингишпил во кој ние постојано се воигруваме и велиме „ е следниот циклус ќе ни биде врвот“.  За жал.
А тоа што се случува, од другата страна на настаните, само ја влошува целата ситуација на заздравување и правилно резонирање.
Утре ќе се доделуваат плакетите и трофеите.
Агим Ибраими ќе биде прогласен за најдобар фудбалер на Македонија за минатата година. Нема да прашувам според кои критериуми, затоа што критериумите ги знам. Се викаат „рамковен договор“ и тие критериуми ни се познати на сите нам. Јас ќе бидам малку похрабар во муабетите кои „не-јавно“ сите јавни личности ги кажуваат, но сепак во своите колумни и текстови и се што не  пишуваат, не смеат или не сакаат да кажат, па затоа јас ќе допишам на темава. Вака, како што игра Горан Пандев и како што освојува трофеи во Европа и прилогот кој го дава за македонскиот репрезентативен дрес, таа тиутула може да биде само за него! За жал другите ќе мора да чекаат тој да се пензионира или да му падне квалитетот, па ништо да не освои во една од најсилните Лиги во Европа, па да чекаат место на подиумот.
Агим, без да бидам погрешно разбран, е одличен, но тоа е премногу далеку зад Горан, а фудбалот во Словенија срам ми е воопшто да го споредувам со Калчо Лигата. Трите погодоци за репрезентацијата, трофеите и головите во Словенија се светлосни години далеку од трофејот во Калчо освоен за првпат после 20 години. Освоен после ерата на Марадона. Освоен од Наполи, со Горан Пандев! За другото веќе навистина би било дегутанто да пишувам, бидејќи навистина не би сакал да испадне дека е обезвреднет талентот на Агим. Можеме само да признаеме дека на сите во Македонија може да им биде многу тешко да дојдат до врвната титула од ФФМ, додека игра Горан. Сакале вие тоа да го прифатите или не.
А оваа моја „рамковна“ теза е потврдена и поткрепена со создавањето на „ново работно место„  заменик Генерален секретар - Aлбанец и „портпарол плус“ - Aлбанец. Исто како што и во следните 15 дена, комисијата за назначување на селектори, од оние кои ќе треба да ги одбере на конкурсот, двајца меѓу нив ќе мора да бидат Aлбанци(!)
Не знам како да го проценам ова? Но, знам дека се додека се водиме според „рамковни записи“, а не според квалитет, значи дека имаме нешто утнато, за кое подоцна ќе мора да го платиме данокот. Квалитетот мора да е неприкосновен! Ако има квалитетни, не два, туку пет нека бидат Aлбанци, Tурци, Власи итн. Зошто заменик Генерален секретар по формула, ако има поквалитетен Албанец или Турчин, Македонец. Зошто пак двајца портпароли, нека биде Македонецот со албанско потекло на тоа место ако е поквалитетен.
Е затоа, пак ја утнавме работата. Како со квалификациите, така и со структурата.
Како и по обичај.

(Објавено на Кајгана на  26 декември 2012)

No comments:

Post a Comment