22.1.13

КРАЈ. И од мене, како што би рекол Тесла, двонасочно и наизменично.

Македонија заврши со настапите на светското.

И јас исто така завршувам, но со се` што е поврзано со македонскиот ракомет.

Денес ставам и официјален и јавен „Крај“, по директниот напад од човекот кој се закани дека ќе ми се случувале напади се` додека сум го споменувал неговото име.

Но, не поради неговата закана, туку поради моментот кој ми ги отвори очите, со кои луѓе си имам работа, луѓе кои се прекрасни, исполнети само со Вистина и се максимално задоволни.

Моето трагање по вистината, после ова, станува бесмислено.
Бесмислено, поради неколку нешта кои ми беа најдрско соопштени како главни моменти во мојата заблуда.

Јас како единствен "неконтролиран од оние кои го водат орото", очигледно нарушив една прекрасна хармонија, која нема потреба ниту од работна критика, ниту од анализа на истата. Посебно не, од споменување на факти и имиња во сиот тој аналитички пристап на секторот ракомет и Македонија како репрезентација и здружение, односно асоцијација. Без да споменувам нечие име и без да правам раздор во прекрасната атмосфера во организацијата, како што децидно ми беше кажано, мојата работа и труд навистина добиваат веќе друга димензија.

Димензија: Прашање.

Зошто ли толку труд вложив во истражување, објавување и бескомпромисно третирање на Вистината, кога во хармонија перфектно функционираат новинарите, ракометарите и самата федерација?

Јас сум правел раздор во репрезентацијата.
Сите новинари биле задоволни и биле перфектно сместени, услужени.
Сите имале најубави зборови за сите во Федерацијата, сем јас.
Никој, ниту од ракометарите, ниту од новинарите, немале забелешки или проблеми со што било, така што јас и воопшто немам за што да пишувам.
(ова беа изнесените факти кои биле потврдени од сите!?)

Штом е тоа така, во тој случај се повлече прашањето кое морав прво сам себе да си го поставам, а потоа и јавно да го презентирам, бидејќи сепак тоа ми е професија и работна задача.
Значи, заклучокот кој го донеле споменатите, дека новинарите и ракометарите биле задоволни, дека се било прекрасно е повеќе од јасен. И за нив и за мене и за сите што мислеле како мене, приказната доживува крај, па колку тој и да изгледа насилен или ангажирано намерен.

Јас престанувам да пишувам за македонскиот ракомет во било која форма и од било кој аспект.

Македонскиот.

(а ова од денес се однесува и на сиот спорт во тие рамки. Ад Акта. За фудбалот, за кошарката и за се` што е со претставката "македонски". Ад Акта.)

Очигледно, не и е потребен човек како мене кого го интересира само истражување на вистината, каква и да е, колку и некогаш таа да боли.

Хармонијата и прекрасната атмосфера во ракометна Македонија е посилна од моите "штетни" текстови.

Во овој случај заклучувам дека беше непотребна и возбудата од дотичните, за да кулминира со закани по живот. Немало потреба.

Чим е се` така хармонично, јас заминувам. Со себе ќе си ги земам дури и запирките и точките и останатите интерпункциски знаци. Ми требаат за работата која најсовесно и понатаму ќе си ја работам со оние кои ќе ги разберат како говор и пишан текст.

А тоа со мадињата, "показните форми" на муабетот, ставање во глаголи мои блиски луѓе нема ни да го споменувам ниту коментирам.

За сиот муабет има аудио снимка со имиња, презимиња, кој и како ќе ми ја скршеле главата и ќе ми набиеле бејзбол палка. Среќа што беше вклучена камерата и го сними аудиото од тој атак (денес, во Палау Сан Џорди, на полувреме од натпреварот меѓу Македонија и Германија) во кој го чув и името на тој што ќе ме решел, цитирам:"... е тој е муж и ќе видиш што ќе ти напраи кога ќе те види, бејзбол палката ќе ти ја..." (итн, останатото во аудио записот, бидејќи видео се нашите нозе, додека се снимаше. Тоа веќе јавно нема да биде презентирано, сем институционално, ако заканата од споменатиот и од тој што го соопшти неговото име, стане реалност).

Тоа го оставам на минатото и непознатото. Очигледно дека само се потврдува фактот дека Македонија е единствена земја на планетава каде бејзбол палката не се користи за спорт како што е играње бејзбол.

Јас продолжувам со она што знам да го работам, подалеку од ова овде, кое мислев дека треба да го кажам.

Згрешив. Јас сум непотребен тука каде средината е хармонично координирана и перфектна. Каде е Нирвана.

Продолжувам понатаму во моите патеки, напуштајќи ја таа Нирвана.

No comments:

Post a Comment

Post a Comment