24.7.13

Тики - Тата е новиот модел кој Барса ќе го игра наскоро

Тата доаѓа на местото на Тито по предлог на Лео, попрецизно по предлог од Хорхе (таткото на Лео), тоа е точно и не е никаква шпекулација.
Роден во истото место каде е роден Меси, од каде што доаѓа и еден од најголемите тренери исто така во Барселона Луис Сезар Меноти и местото каде е роден и Че Гевара, Росарио. Доаѓа со договор 2+1, што значи дека после првите две години двете страни можат да го раскинат договорот без никакви обештетувања. Тата во Барселона доаѓа по своите први титули во Европа.
Но, ова не е прв пример за ФКБ да се донесе тренер кој нема скоро ниедна титула во европскиот фудбал. Тоа се случува уште од времето на Рајкард во континуитет. Рајкард дојде на клупата на ФКБ без ниту една титула. Па следуваше Пеп без исто така ниту една титула, туку директно од подмладокот. Па Тито. И сега Тата.
Јосеп Мариа Бартомеу и Андони Зубизарета ги обелоденија контактите со Тата и на некој начин го формализираа неговото доаѓање во најтрофејниот клуб на планетава во последната деценија. Со Тата е договорено дека Барса не сака да менува ништо од својата философија и врските со Ла Масиа, туку Тата има обврска да продолжи онаму каде застанаа Пеп и Тито. Тоа му било начелно речено и прифатено од негова страна.
Во меѓуредови само како мала дигресија, преговорите со Луис Енрике скоро и да не започнале кога тој станал дециден дека не сака да дојде во ФКБ, поради тоа што само пред неколку месеци тој сам се понудил за истото место (додека беше Тито сеуште „на клупа“) но бил одбиен. Од тие причини не ни дошол веќе на муабет ни со Зуби, ни со Бартомеу, иако во соблекувалната скоро сите фудбалери го посакуваа како избор на Росељ.
Тата Мартино пристигнува во Барселона на голема врата, со многу доверба од соси-активистите, но не и од големите критичари. На пример, Јохан Крујф со сета почит кон Тата сепак смета дека Лучо ќе беше подобриот избор.
Ова исто така не е и прв пример за Барса каде доаѓа тренер кој е во блиски врски со најголемата ѕвезда. Така беше и случајот со Луис Сезар Меноти кои дојде „да го игра“ низ неговите најголеми волшепства најголемиот на сите времиња Диего Армандо Марадона. Пристигна во март 1983-та година и ја креираше својата филозофија и во школата на ФКБ. „Менотизмот“, контра од „Биелсизмот“ во Аргентина, остави големи траги во Барса. Сега е слична ситуација, но со нова концепција.
Тики - ТАТА ќе биде нешто слично на она што досега го играла Барса, но гледајќи ги сите досега хронолошки поставени акции на Мартино може лесно да се заклучи дека веројатно разликата ќе биде во она во кое запнаа на крај Пеп и посебно Тито, шутевите кон гол.
Ја игра истата игра 4-3-3 позиционирана со многу варијации во кои топката многу побргу се пренесува до противничката половина и каде побрзо доаѓа до финализација. Почитува високо поставен пресинг со брза транзиција по освоената топка. Тоа го играше со Њуел Олд Бојс, кој во последните години го имаше и прекарот „Барса во Јужна Америка“. Оние кои го следеле аргентинскиот фудбал знаат дека Тата иако е по предлог на Лео, сепак е единствениот кој би можел лесно и брзо да се вклопи во веќе поставениот систем.
Тата сака да детализира. Ангажира дури двајца за анализи на противниците. Овојпат со Руби ќе има и негов човек кој ќе помага во тие детализирања на секој следен натпревар. Тата не е од оние мирни, да не речеме, фригидни тренери, кои седат на клупа и мирно го следат секое движење. Тој е емотивец, тој е експлозивен со многу адреналински набој во секој натпревар. Мотиватор пар екселанс, она што недостасуваше кај Тито. Тата се разликува од претходниците по тоа што сака покрај тоа топката да е цело време присутна на земја, да ја има и во воздух. Ги сака „класичните 9-ки“ кои Барса скоро и да ги исфрли од употреба. Тоа е за очекување дека ќе биде новитет, кој колку и да очекуваме дека може да се трансформира, ќе биде сепак тешко. Фудбалерите со кои располага се мали по висина и тука ќе биде интересна неговата варијација, која досега ја играл со Њуелс.
На крај можеме да очекуваме дека ќе биде добар почеток за новитетот од Јужна Америка за кој и Меноти штотуку изјави дека за него Тата е меѓу најдобрите тренери во светот. А кон него се придружи и Марадона кој кажа дека не пропуштил натпревар на Тата бидејќи било исклучително задоволство да се гледа како тој води екипа. Дури смета дека Њуелс со Тата би била и најдобрата екипа и во Европа кога би можела да го презентира својот фудбал.
Ова е само уште повеќе поттик за сите вљубеници во фудбалската игра дека можно е да видиме наскоро уште една варијација на тема, од најтрофејниот фудбалски клуб во последната деценија во светот.

No comments:

Post a Comment