26.10.13

Фамилијата Бабунски денес во МАРКА со „отварање“ на Ел Класико

Давид и Дориан Бабунски денес на две страни во највлијателниот и најчитаниот дневен спортски весник во Шпанија и еден од најголемите во Европа, МАРКА, го отвараат најинтересниот и најатрактивниот натпревар во Шпанија.
Фамилија „Класико“ е насловот на комплетната сторија за двајцата браќа македонци кои за првпат во историјата може да се каже дека имаат вакво ривластво, помеѓу двата клуба. Досега имало неколку фамилии кои играле во два различни дреса, двајца  браќа, татко и син итн. Но, браќата Бабунски се првите кои играат во иста сезона во двата различни клуба.
Низ комплетно приближување на нивниот сегашен живот „во двата дреса“ на двете печатени страни во Марка, браќата Бабунски стануваат општо позната фудбалска приказна, која сите наскоро ја очекуваат и во Класико со првите екипи.
Во продолжение на текстот, посебен осврт има и на философијата основана токму од Давид Бабунски како платформа „Скајселф“ која пак внатре во многуте философски симпозиуми организирани од Давид се собрани многу јавни личности, фудбалери, спортисти од сите сфери во Шпанија. Во подготовка е и неговата првата книга со овие философски размислувања.
Денешната МАРКА со овој осврт на фамилијата Бабунски го отвара денешното Ел Класико.

(текстот е сопственост на ДЕРБИ.МК но поради моменталните технички проблеми е објавен само на блогот на авторот)

Чекајќи го . . . најнеизвесното Ел Класико!

Ова кое следи ќе го сметам за едно од најнезгодните Ел Класико за претпоставка во конечен резултат.



Ако досега многупати скоро и да можевме сите да погодиме или само мали нијанси да не изнанадат, овојпат навистина во игра се сите три знаци. 
Се` буквално е во игра и се` може да се случи.
Можебио и најмногу поради тоа што и двајцата тренери не ги познаваме доволно долго за да можеме да претпоставиме како ќе започнат?

Дали Тата ќе остане верен на традицијата и ќе проба да ја контролира до максимум средината на теренот, каде Барса е најсилна и каде со протокот на топките низ Чави и Иниеста би ја добиел поентата повторно? 

Или пак Карло ќе проба да го продолжи она што Моурињо го наметна преку брзите крила да доаѓа до екстра можности за форсирање на „чистата 9-ка“ пред Валдес и финализација во дел од секундата?

Единствената претпоставка која можам да ја заклучам во овие моменти е дека на една ноќ пред Ел Класико повторно крајното решение и на последниов дуел ќе биде меѓу Кристијано и Лео. Џабе се форсирањата од медиумите на Нејмар и Бејл, дека „ова Ел Класико има нови фронтмени“, тешко дека ќе се сложам со тоа. Рано е и за едниот и другиот, а посебно пак воопшто не ни сметам дека тежиштето дури и во следниот период ќе биде префрлено таму како оска на баланс.

Лео и Кристијано уште многу вакви натпревари ќе решаваат благодарение на нивните индивидуални способности. Нивната поливалентност е една од најдобрите досега видени во светскиот фудбал, а токму тоа е и моментот на секое Класико, ситните детали кои прават големи предности во играта, на теренот.

Непознаница за мене во ова Класико ќе биде дали Карло ќе ја крене уште повисоко одбраната, отколку што тоа го правеше Моу, но сега без Озил кој сметам дека може да биде голем хендикеп токму во овој натпревар и во таква поставеност? 

Фрустрираноста на Бензема исто така може да биде предност за Барса бидејќи се очекува дека Зизу ќе го исфорсира за да му ја надмине сета „лоша карма“ која ја има од месецов наназад.

Повисокиот пресинг е добар во случајов за Меси бидејќи ФКБ има подобра игра од лани, а тоа е многу податливо токму и за овој натпревар.

Но, од друга слабата задна линија, посебно ако Масчерано е од првата минута во игра, подразбира очекување дека Кристијано „ќе си се шета слободно“ и ако има и добро „полнење“ ќе биде опасно. 

Пујол, колку и да сакам да го почитувам како врховна алка, сепак предолгото отсуство си остава свои траги. 

А Пике е човек кој игра во зависност од моментот. Може да е одличен, ако е фокусиран и концентриран, но може и да е полош дури и од мене, ако си имал ноќта проблеми „од кои не можел да отспие како што треба“. Човек од момент. Затоа и потпирањето на неговите способности е премногу ризично.

Е тоа се проблемите кои ова Ел Класико го прават можеби и едно од најнеизвесните до сега.

Барем за мене.

(текстот е сопственост на ДЕРБИ.МК но поради моменталните технички проблеми е објавен само на блогот на авторот)

23.10.13

Зошто македонскиот клупски фудбал никогаш нема да биде дел од групната фаза на Лигата на Шампионите?

Поради многу нешта, но и поради уште нешто многу важно кое стартуваше токму пред два дена.
„Довчерашната„ НекстГенСерија ја откупи УЕФА. 

А што беше НекстГенСеријата?

Младите од сите клубови до 19 години (и помлади) до оваа година си имаа своја „приватна“ лига во која се натпреваруваа, независно од УЕФА. Во исто време, повеќе од една година УЕФА правеше напори да биде сето тоа под нивна „капа“. На крајот успеаа. Од оваа сезона НекстГен Серија „се продаде“ на УЕФА и веќе е комплетно во нивна организација (сега веќе под името „УЕФА Младинска Лига“)

А што значи пак тоа?

Еден ден претходно, пред да започнат натпреварите од групната серија во Лигата на Шампионите, се играат натпреварите (во ист распоред на групите) на тимовите кои настапуваат, во категорија до 19 години.
Така, младите на Реал Сосиедад ги победија младите на Шахтјор 3:2, младите на Јуве изиграа нерешено (2:2) во Копенхаген, младите на Наполи го победија Дортмунд со 1:0, хувенилите на Барса ги победија на Мини Естади младите на Ајакс 4:1, младите на Галатасарај изиграа нерешено со младите на Реал, а хувенилите на Атлетико исто така победија против младите на Зенит 4:2.

Токму поради тоа македонските клубови ќе имаат уште поголем проблем од следната сезона да бидат блиску до групната фаза. Екипите во Европа стануваат посилни и посилни. Нивниот млад кадар пополека но сигурно, е веќе компетитивен и со искуство.

Тоа веќе со сигурност значи дека оние кои сега се натпреваруваат во младинскиот куп во Лигата на Шампионите, следната сезона ќе бидат уште посилни, бидејќи внесуваат „свежа крв“ во своите редови од првите екипи, набиваат натпревари во искуство и имаат на кого да се потпрат во годините кои следуваат и потоа. Покрај тоа во исто време и добиваат финансии за сета таа игранка.

Кај нас сеуште се „лута во празно“. Нема никаков закон, кој на пример, барем ќе им наметне на македонските клубови да мора да имаат во екипа барем еден до 21 година и еден до 19 години, на секој натпревар во континуитет. Тоа значи дека ако на пример треба да има измена на 19-годишникот да мора и тој што ќе влезе да има минимум исто години. (ова е само еден предлог, како да се најде начин да се добие квалитетен кадар во првата лига). Со тој принцип, многу едноставно добивате 12 „младинци“ кои стекнуваат проволигашко искуство. Добивате многу посилна млада репрезентација. Добивате многу посериозен кадар и во сениорската. Се` е многу едноставно ако сакате подигнување на квалитетот. Ако сакате, пред се`. Само со носење на квалитетен и објективен закон.

А вака, само ќе тапкаме во место. Останатите клубови во Европа ќе се развиваат уште побргу. Репрезентативно исто така. А ние ќе гледаме Лига на Шампиони само на телевизија и во следните децении, додека младите ќе ни имаат само една цел - „да го напуштат што поскоро македонскиот клупски фудбал, надвор во „белиот свет““.

(објавено на ДЕРБИ.МК на 19 Септември 2013)

21.10.13

Време е да се соочиме со Вистината, „за Македонија нема да има ни европско, ни светско“

Токму затоа тоа треба да ни биде репер.
Ако индивидуално фудбалските клубови во Македонија се сиромашни и немаат ни визија за „чекор по чекор“ создавање на квалитет кој може да донесе некаков пред се` фудбалски, а дури потоа и финансиски позитивен резултат, репрезентацијата е вистинско место за тоа. (клубовите и нивните „сопственици“ најчесто сакаат преку ноќ да им се вратат вложените пари и трчаат по инстант успех, кој за жал никогаш не можат да го доживеат, што е многу нормално)
Шпанската репрезентација стана европски шампион, па светски, па повторно ја одбрани европската титула. И пак е најголем фаворит и за останатите големи светски фудбалски манифестации.
А како дојде до тоа?
Сигурно не со инстант индивидуалното експлодирање на ѕвездите со поливалентен квалитет како што се Чави, Иниеста, Торес, Сеск итн...
Напротив, (иако се тие исклучителни таленти од раѓање, очигледно, но секаде има по некој таков квалитет) со долгогодишен план и работа на неколку селектори во неколку фази во различни тајминзи на возраста на претходно споменатите.
Планот во неколку наврати шпанците го имаа зацртано уште од далечите 80-ти години на минатиот век. Но, никогаш толку дисциплинирано како што во почетокот на новиот век.
Имено со стартот на 2000-тата тие (и малку претходно од оваа година) ги стартуваа како потенцијал со кој ќе работат во сите следни години и со максимално ангажирање во секоја категорија. 
Сеск, Торес, Иниеста, претходно Чави и сите останати кои сега се светски мега ѕвезди тогаш започнаа со своето „триумфизирање“ уште во најраните категории, прво од репрезентативните учества во У-16, па У-17, па У-19, У-21 и на крај во апсолутната категорија, сениорската А репрезентација.
Колку за информација, како тоа изгледаше низ посветување и трофеи?
Сиот фокус низ минимум 4 циклуса работа.
Прво освојување на трофеите во Меридијанскиот Куп, на свои 16, односно 17 години.
Подоцна истата генерација по неколку кратно освојување на тој куп , влегува во фазата од У-19 и У-20. Тука истите овие фудбалери веќе надградени со своето фудбалско знаење и искуство како деца, ја освојуваат Европа и стануваат повторно шампиони. Повторно имаат две последователни титули како репрезентација на Шпанија и преминуваат во следната категорија У-21. И во таа компетитвност многу бргу преземаат да го носат товарот на апсолутната категорија, А селекцијата. Оттука ја знаете приказната, Шампиони на Европа - двапати и еднаш Светски шампиони. За првпат во својата историја.
Сега во меѓувреме нивните млади колеги продолжуваат по истите патеки. 
У-16 и У-17 се шампиони од 2008, вицешампиони од 2010. 
Како У-19 и У-20 се вицешампиони во 2010 и двапати шампиони на Европа во 2011 и 2012. 
Како У-21 се шампиони на Европа од 2011 и 2013, двапати едно по друго.
И сега се сомневате дали Чави, Иниеста, Сеск Торес и сите останати ќе имаат достојна замена?
Не, нема да има никаков прекин во нивното покорување на светот во фудбалот на планетава. Можеби нема да се секогаш шампиони, но уште долго ќе бидат „рамо до рамо“ со шампионите.
Токму заради тоа што не бараа инстант успех на А селекцијата, туку затоа што започнуваа со овие кои денес им се ѕвезди, од најмали нозе, затоа што се фокусираа нив да ги водат низ неколку циклуси, затоа што беа трпеливи и максимално трудољубиви. Затоа што се дисциплинирани и затоа го живеат Успехот. Сиот свој максимално квалитетен „учителски“ кадар го посветија на децата, а подоцна „децата“ им вратија со неминовен резултат.
А кај нас се` е обратно.
Се` е фрлено само на А селекција, а во младите категории „се вежбаат“ оние кои никој не ги есапи за нешто повеќе.
Никој не ни обрнува внимание на нашите категории од У-15 па нагоре, како и да не постојат.
А сакаме инстант успех само со А селекцијата.
И тоа со пример каков што ни се случува постојано, еден дојди „крени го од мртвите“ додека си најде ангажман за убав „кеш“.
Чедомир го назначија во прво коло и веднаш сакаме на „светско“. Тој дури и самиот се прецени со изјавите дека „можеме“. Кога сфати дека се` му беше избрзано, избега „без никој да го види“. Иако уште од старт ја претпоставив ситуацијата, сепак морам да бидам искрен пред се` кон самиот себе, дека кој и да беше на негово место ќе го постигнеше истото. Нула. Затоа што успех не се добива преку ноќ, туку со минимум 15 пријателски контролни натпревари, минимум со „два циклуса во рака“ без оглед на резултатите, па дури тогаш може да се направи „сума-сумарум“.
А вака, ќе лутаме уште многу децении. 
Од нашата фудбалска репрезентација уште минимум 10 - 15 години нема да има ни ЕП ни СП, сем ако не се смени системот па да учествуваат сите европски држави и тоа да трае 3 месеци како манифестација. Па дури тогаш да учествуваме кога ќе им се оствари сонот и на Лихтенштајн, Сан Марино, Фарските острови, Белизе, Сао Томе и Принсипе, Монсерат итн...
Затоа време е некој друг да се фати со менаџирање на целиот систем во ФФМ, ако сакаме да имаме успех. 
Вака, се лажеме самите себе иако заслужуваме барем малку вистина.

(текстот е објавен на ДЕРБИ на 29 септември 2013, а ова е линк до таа објава)