24.1.14

Нон-сенс се сите приказни за санкции кон Барса!

Во следните редови следува опис на целата ситуација после оставката на Сандро Росељ, како ќе продолжи институционално постапката и дали воопшто ќе биде вмешана некоја фудбалска институција во рамките на ФИФА.

Сандро Росељ со своето повлекување се соочува со процес во кој допрва ќе се расчистуваат сите манипулации, прикривања и евентуални злоупотреби на функцијата во однос на потпишување на договорот со Нејмар Џуниор.

Една од улогите во сиот овој хаос ја имаше и Ел Мундо Депортиво кој направи и објава на деталите за кои се терети во тужбата Росељ. Можеби токму затоа и први сега излегуваат со одбраната за неговата постапка. „Тој не си заминал поради процесот Нејмар, туку поради заканите по живот кон него и неговата фамилија“-, веќе објавуваат во денешните изданија. Следува сега и вториот каталонски медиум, СПОРТ, да ја поддржи оваа кампања, што е и логично, на некој начин.

Но, ова најчесто предизвикува саркастични коментари низ цела Шпанија, дури и кај сите оние во Барселона и Каталонија кои не се сложуваат со одлуките кои Росељ ги преземаше ако претседател, бидејќи ако се` беше чисто, едноставно немаше туку-така да си замине.

Интересно е што најголемиот дел од членството не сака процесот да запре тука, туку конечно да се расчисти со сета извитоперена вистина по сите прашања во неговото владеење, што всушност е и најголемиот проблем на ФКБарселона откога Сандро Росељ е претседател. Никогаш јавно ниту транспарентно не се презентирале договорите. Се давале провизии на роднини, родители, браќа, сестри, а за тоа не се информирало членството. Се злоупотребувале клупски пари. Од тие причини и договорот со Нејмар има две конечни и различни цифри, едни за членството и за јавноста, друга фактичка и вистинска (за која во секој случај е чиста даночно и не станува збор за даночно затајување. А не станува ни збор за тоа колку е сумата голема бидејќи избор на клубот, односно претседателот е тоа дали ќе му даде „дополнителни пари за цвеќиња“ или „да си купи нови копачки“ ако за тоа се плати данок на парите. Значи од тој аспект е чисто. нечистата игра е прикривањето на целата сума, па дури и пред фудбалерите кои беа излажани дека Меси е најплатен, Пике бараше реновација на договорот после Нејмар, а исто и Иниеста. И сите беа споредбено тие 57,1 милион евра, а не вкупно сите. Бидејќи во тој случај и Иниеста може веќе да побара нови 5 милиони евра „за садење аспарагус“ во неговата градина. А лажењето на членството и на целата јавност е причината за тужба. Овде видете ги деталите околу проблематичниот договор со Нејмар Џуниор).

Но за да се сфати детално целата оваа ситуација, морам накратко да направам дигресија, што значи Членството во ФКБ и каков е Уставниот концепт на самиот клуб?

Проблемот е малку несекојдневен за сфаќање од „прва рака“ и тоа само поради Уставно поставените норми за функционирање на клубот. Конкретно, за разлика од сите останати клубови во светот, ФКБ е поставена како „акционерско друштво на сите СОСИ подеднакво, со исто право на глас“. Затоа и транспарентноста мора да биде секогаш и во секој миг јавна пред целото Собрание од членови, а не како на пример Реал Мадрид или другите каде транспарентноста е најчесто САМО пред Извршниот Одбор на клубот. Тука е првиот проблем кај најголем дел од оние кои ја следат ситуацијата. Едни прашуваат (најчесто оние кои се во Управите и членствата во другите клубови) „како може еден СОСИ да бара увид во договор или плата на Нејмар, Меси или било кој од фудбалерите?“ што е непоимливо на пример за СОСИ во Реал Мадрид. Флорентино Перез на некој со членска карта на Реал да му го даде на увид договорот јавно за Роналдо!? Е токму тоа е обратно во Уставот на клубот кој ја има сентенцата „Повеќе Од Клуб“ како носечка. Секој СОСИ може да постави прашање, да побара увид и на Собрание мора јавно да се добие транспарентно презнетирање на секој цент кој влегува и излегува. Нешто што не би можеле да го разберат членовите на Одборите ниту во Англија, ниту во Италија, ниту било каде низ Шпанија, сем во ФКБарселона. ФКБ е единствена по своето функционирање и тоа е еден „проблем“ во случајов со Росељ. Ова на пример не би можело да се случи во Реал Мадрид, ниту во Малага, ниту во Атлетико. Во ФКБ не само што може, туку сега допрва ќе биде чешлање и на другите членови од Одборот на кои им е дадено право да управуваат со клубот во овие 6 години.

Сега да се вратам повторно на проблемот.

Така всушност и започна целата оваа истрага. Кога фармацевтот Џорди Касес (од малото село Еспарегера во Каталонија) поднесе барање за „цензура“ да се гласа смена на Росељ. Беше одбиен бидејќи се сменија статути и се изиграа оние 15% потписи. Во исто време се случува изјавата на Флорентино Перез кој вели дека „не го купиле нНеј“ поради тоа што Реал би го коштало тоа сигурно над 150 милиони евра. Оттука Касес, токму поради тоа и разликата како може Реал да го чини 150, а ФКБ само 50, бара преку факс испратена молба, увид во договорот. Росељ го одбива. Тој тогаш почнува да бара правда со поднесување барање за истрага на договорите (тужба за злоупотреба на функцијата во склопувањето на договорите и злоупотреба на клупските финансии, што е кривично дело). Росељ одбива да одговори јавно повотрно. Оттогаш Касес ангажира адвокати. Ги повлекува на повисока инстанца прашањата (тужбата), и иако за миг помисливме дека пред Нова година пропадна таа цела постапка, стигна до Истражниот сектор во Мадрид. Веќе таму нема криење на документацијата. Мора јавно да се презентира до последниот цент, само во однос на договорот, дали е направена злоупотреба и дали сумата која е јавно презентирана е и онаа вистинската, без да се злоупотребуваат финансиите на клубот. И тука веќе излегува на површина целиот хаос. Се гледа дека биле исплаќани провизии по многу различни точки од договорот, што веќе ја надминува првично соопштената бројка. (но, мора да се потенцира дека тоа не се исплаќани пари „на црно“ туку легално и чисто, и не поради „договор за играње“ што според Статутот на клубот е кршење на законите и за кое може да се одговара)

Значи, да повторам што е многу важно, не станува збор за избегнување на плаќање даноци итн. Станува збор за прикривање информации од членството, станува збор за лажно информирање, за лажно прикажување пред Членството и одборот, за злоупотреба на функцијата и злоупотреба на клупските финансии. Станува збор за кривоклетство, за кое се одговара пред закон исто така. Станува збор за „двојни книги“ пред самото Членство и Одбор. Но, да напоменам, не за неплатени даноци! Што е многу различно.

И затоа се „далеку“ сите оние текстови дека ФКБ ќе биде исфрлена од УЕФА, казнета од ФИФА итн. 
Никогаш и не станувало збор за напад кон клубот, напротив, само напад кон одредени личности, водство и членови на Извршен одбор, бидејќи и онака е нелогично самото членство да си го напаѓа клубот и да го доведе пред можни драконски казни од разни судски институции во Шпанија, а уште помалку од фудбалските институции во светот.

Целата оваа ситуација е потегната внатрешно од Соси на клубот и е внатрешен проблем кој се решава низ судските инстанци во Шпанија. Судот во Шпанија е оној кој ја бара целата документација потпишана со печат на ФИФА, а не обратно.

А ако потоа ФИФА или УЕФА покрене некаква друга постапка по друго прашање, што нема никаква врска со ова тоа е сосем друго прашање и сосем друг момент.

Затоа УЕФА и ФИФА се надвор од муабетите за разврска на ситуацијата.
И затоа цела оваа постапка нема да му наштети на клубот, во однос на казнени мерки надвор од овие кои сега се случуваат.
Но, на имиџот на клубот и на самото членство, веројатно да.

Друго прашање е колку ова ќе наштети на фамилијата Нејмар, кои земале пари за сиромашните деца во Сао Паоло, за скаутирање од татко му на Неј Џуниор, а човекот не ни имал лиценца за таа работа. Тоа повторно е надвор од рамките на „штета за клубот“.

Дополнително инфо: 

* Сандро Росељ не е првпат да ја напушта ФКБ. Првпат поднесе оставка во 2005-та на функцијата Потпретседател во клубот, кога претседател беше Џоан Лапорта.
* Покрај Џорди Касас и неговиот адвокат кој ја води целата постапка против Сандро Росељ е исто така СОСИ на ФКБ.

ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН НА ДЕРБИ.МК

No comments:

Post a Comment