17.2.14

Лекција бр.1 за „стручњаците од Логроњо“ :-) (весело и разиграно)

Смислив нешто поинтересно и поубаво, наместо само да ве критикувам.
Тоа понатаму ќе го правам само кога ќе направите скандалозна глупост.

Решив да ви помогнам, бидејќи малку и ми падна жал за вашата неписменост (фудбалска). 

Ќе ви држам лекции, приватни часови по фудбал (пишани овде, секогаш кога ќе гледам ваш натпревар, како овој во Логроњо), а ќе ви се обраќам јавно, за да читаат и вашите „пајташи“ (морав вака да ги ословам, бидејќи, рака на срце, се однесувате како женската фудбалска репрезентација да е ваш приватен имот и да ви е дозволено да си правите башибозук од се` што е македонско)

Време е да почнам со првата лекција (Чатал, не чекај „утре“... и читај им пополека за да можат да фаќаат белешки!)

Значи ова се однесува фокусирано само на тие кои се споменати погоре, но нормално, може да читаат и останатите. Чим сум главна тема на многу состаноци со нивните „помошници“ кои одредуваат и што треба и што не треба да се прави, за оваа цел ќе се консултирам секогаш со стручна помош од искусен фудбалски тренер (не во Македонија, туку секогаш надвор од неа)

Овојпат одбрав човек кој многу добро го познава македонскиот фудбал, посебно женскиот и кој многупати сум го консултирал за совет исто како што неговите услуги денес ги користат и други Федерации. 

Се надевам дека следново ќе ви помогне на сите вам, „стручњаците“ кои бевте во Логроњо и ја посрамотивте целата „фудбалска“ наша држава со своето незнаење, па дури направивте и незгодно да им биде на шпанските тренери кои мораа да ги покриваат устите кога ви се смееја онака од душа, искрено (може да се види во видеото од натпреварот).

Значи, да повторам, ова не е за сите, туку за клупата. Вака јавно, бидејќи најубава ни е ваквата комуникација. И тамам ќе имате и дополнителна тема кога веќе ме коментирате на состаноците. Барем нека биде квалитетно, а тамам и ќе научите нешто, наместо само да бамборите како стари баби.
Епа повелете, за да не не срамите понатаму:

Кратка анализа на играта во Логроњо:

„За голманката нема што да се коментира. Се гледа убаво дека е млада и неискусна и не е во овој момент за А селекција. Штета што не бранеше онаа која ја знам од поодамна која има голем капацитет и искуство токму за вакви натпревари, а беше на клупата со број 12. Ја забележав токму во обид да влезе при крајот, но сепак остана на клупа. Погрешно и тоа. Или се менува после 2:0 или не се менува. Сем ако не е повреда во прашање, што всушност и видовме дека не е. Девојката со број 2 беше изгубена на терен. Дали воопшто некој и кажал дека стои премногу широко во одбрана за да може да дојде во ситуација „еден на еден“ со левиот страничен од шпанките? Не верувам дека некој и кажал, бидејќи ако и кажал ќе можеше и да ја поправат. Попаметно ќе беше да стои до број 8. Токму таа позиционираност е виновна за два гола. Позиционираноста пак на број 9 е виновна за третиот гол. Стоперите одат тесно, а бековите широко, простор за игра на противникот колку сака, а воедно и набиени „во скут“ на голманката. Број 6 е највисока очигледно, но исто така очигледно дека нема многу научено од фудбалот за да може да игра со технички поподготвени противници. Треба да се работи со неа сеуште во основите на фудбалот.  Број 4 трча од шеснаесетник до полукруг на центар, максимум 15 метри и не мрда цел натпревар, ни понапред, ни поназад. Овде некој има нешто многу згрешено со насоките за игра. Во исто време е без играч, далеку е од противникот секогаш. Цела средина е дезориентирана, далеку од противничките, без навремено затворање. Број 9 трча „како изгубена“, слично како и број 7. Андонова ја знаеме сите, но овојпат и мене ме изненади, бега во ширина и виновна е и за 4-тиот гол. Но, неа ја следам во Германија и само можам да насетам дека се претопила во сивилото, затоа што од неа не се очекува ова, никако. Број 11, цело време трча, ама како да не знае каде и зошто трча, бидејќи трча без да прави притисок, со неа си играат „шева“ што ние во фудбалот знаеме да кажеме. Далеку е оставена на 20 метри од гол, дури и 30 метри пред македонската средна линија. Недозволиво! Се има впечаток од целиот натпревар дека Шпанија можела и со 9 фудбалерки и без голман па дури и без нивниот десен стопер, да ја победи вашата репрезентација со истиот број голови. Дури ни лицето на голманката на Шпанија не успеав да го видам на видеото во сите 90 минути. Ова е премногу лошо и за анализа, бидејќи практично и нема што да се анализира. Нема концепт, нема тактика, нема ништо. Нема дури ни тактичка дисциплина, едно од најважните работи во една екипа, каква и да е. А очигледно дека тоа го видов тука, веројатно и не е сфатена вистинската суштина на тие два збора - тактичка дисциплина. Бидејќи без тоа тешко дека еден тренер ќе може да ја презентира својата замисла, а фудбалерките да ја прифатат, да се придржуваат кон тоа. И затоа многупати токму поради тоа некои фудбалери седат на клупа, или на трибини или се со потпишана исписница. Еден Ибрахимовиќ не се снајде во Барселона поради тоа невклопување во системот (на тактичката дисциплина) со „повратна во шпиц“ па мораше да си замине и покрај тоа што има врвни фудбалски квалитети. Тактичката дисциплина е база и за тренерот и за фудбалерите. А овде пак, најмалку што видов беше тоа. Просто не постоеше воопшто. Не знам како може вака да се излезе на терен и да се игра фудбал.“

Името на консултантот чии стручни услуги ги користев, нема да го објавам, по негово инсистирање.  Не сака да биде сфатен погрешно, бидејќи досега бил во соработка и контакт со македонската федерација, па да не го наруши тој однос за понатаму. Но, во секој случај името е познато и го има во моите преписки со него и „во редакцијата“ (како што и се објавува најчесто во медиумите). Авторот на анализата е врвен фудбалски тренер кој работи во УЕФА.

Дочитање, до следниот натпревар, со лекцијата „број 2“...само за вашите уши :-)

No comments:

Post a Comment