24.1.14

Нон-сенс се сите приказни за санкции кон Барса!

Во следните редови следува опис на целата ситуација после оставката на Сандро Росељ, како ќе продолжи институционално постапката и дали воопшто ќе биде вмешана некоја фудбалска институција во рамките на ФИФА.

Сандро Росељ со своето повлекување се соочува со процес во кој допрва ќе се расчистуваат сите манипулации, прикривања и евентуални злоупотреби на функцијата во однос на потпишување на договорот со Нејмар Џуниор.

Една од улогите во сиот овој хаос ја имаше и Ел Мундо Депортиво кој направи и објава на деталите за кои се терети во тужбата Росељ. Можеби токму затоа и први сега излегуваат со одбраната за неговата постапка. „Тој не си заминал поради процесот Нејмар, туку поради заканите по живот кон него и неговата фамилија“-, веќе објавуваат во денешните изданија. Следува сега и вториот каталонски медиум, СПОРТ, да ја поддржи оваа кампања, што е и логично, на некој начин.

Но, ова најчесто предизвикува саркастични коментари низ цела Шпанија, дури и кај сите оние во Барселона и Каталонија кои не се сложуваат со одлуките кои Росељ ги преземаше ако претседател, бидејќи ако се` беше чисто, едноставно немаше туку-така да си замине.

Интересно е што најголемиот дел од членството не сака процесот да запре тука, туку конечно да се расчисти со сета извитоперена вистина по сите прашања во неговото владеење, што всушност е и најголемиот проблем на ФКБарселона откога Сандро Росељ е претседател. Никогаш јавно ниту транспарентно не се презентирале договорите. Се давале провизии на роднини, родители, браќа, сестри, а за тоа не се информирало членството. Се злоупотребувале клупски пари. Од тие причини и договорот со Нејмар има две конечни и различни цифри, едни за членството и за јавноста, друга фактичка и вистинска (за која во секој случај е чиста даночно и не станува збор за даночно затајување. А не станува ни збор за тоа колку е сумата голема бидејќи избор на клубот, односно претседателот е тоа дали ќе му даде „дополнителни пари за цвеќиња“ или „да си купи нови копачки“ ако за тоа се плати данок на парите. Значи од тој аспект е чисто. нечистата игра е прикривањето на целата сума, па дури и пред фудбалерите кои беа излажани дека Меси е најплатен, Пике бараше реновација на договорот после Нејмар, а исто и Иниеста. И сите беа споредбено тие 57,1 милион евра, а не вкупно сите. Бидејќи во тој случај и Иниеста може веќе да побара нови 5 милиони евра „за садење аспарагус“ во неговата градина. А лажењето на членството и на целата јавност е причината за тужба. Овде видете ги деталите околу проблематичниот договор со Нејмар Џуниор).

Но за да се сфати детално целата оваа ситуација, морам накратко да направам дигресија, што значи Членството во ФКБ и каков е Уставниот концепт на самиот клуб?

Проблемот е малку несекојдневен за сфаќање од „прва рака“ и тоа само поради Уставно поставените норми за функционирање на клубот. Конкретно, за разлика од сите останати клубови во светот, ФКБ е поставена како „акционерско друштво на сите СОСИ подеднакво, со исто право на глас“. Затоа и транспарентноста мора да биде секогаш и во секој миг јавна пред целото Собрание од членови, а не како на пример Реал Мадрид или другите каде транспарентноста е најчесто САМО пред Извршниот Одбор на клубот. Тука е првиот проблем кај најголем дел од оние кои ја следат ситуацијата. Едни прашуваат (најчесто оние кои се во Управите и членствата во другите клубови) „како може еден СОСИ да бара увид во договор или плата на Нејмар, Меси или било кој од фудбалерите?“ што е непоимливо на пример за СОСИ во Реал Мадрид. Флорентино Перез на некој со членска карта на Реал да му го даде на увид договорот јавно за Роналдо!? Е токму тоа е обратно во Уставот на клубот кој ја има сентенцата „Повеќе Од Клуб“ како носечка. Секој СОСИ може да постави прашање, да побара увид и на Собрание мора јавно да се добие транспарентно презнетирање на секој цент кој влегува и излегува. Нешто што не би можеле да го разберат членовите на Одборите ниту во Англија, ниту во Италија, ниту било каде низ Шпанија, сем во ФКБарселона. ФКБ е единствена по своето функционирање и тоа е еден „проблем“ во случајов со Росељ. Ова на пример не би можело да се случи во Реал Мадрид, ниту во Малага, ниту во Атлетико. Во ФКБ не само што може, туку сега допрва ќе биде чешлање и на другите членови од Одборот на кои им е дадено право да управуваат со клубот во овие 6 години.

Сега да се вратам повторно на проблемот.

Така всушност и започна целата оваа истрага. Кога фармацевтот Џорди Касес (од малото село Еспарегера во Каталонија) поднесе барање за „цензура“ да се гласа смена на Росељ. Беше одбиен бидејќи се сменија статути и се изиграа оние 15% потписи. Во исто време се случува изјавата на Флорентино Перез кој вели дека „не го купиле нНеј“ поради тоа што Реал би го коштало тоа сигурно над 150 милиони евра. Оттука Касес, токму поради тоа и разликата како може Реал да го чини 150, а ФКБ само 50, бара преку факс испратена молба, увид во договорот. Росељ го одбива. Тој тогаш почнува да бара правда со поднесување барање за истрага на договорите (тужба за злоупотреба на функцијата во склопувањето на договорите и злоупотреба на клупските финансии, што е кривично дело). Росељ одбива да одговори јавно повотрно. Оттогаш Касес ангажира адвокати. Ги повлекува на повисока инстанца прашањата (тужбата), и иако за миг помисливме дека пред Нова година пропадна таа цела постапка, стигна до Истражниот сектор во Мадрид. Веќе таму нема криење на документацијата. Мора јавно да се презентира до последниот цент, само во однос на договорот, дали е направена злоупотреба и дали сумата која е јавно презентирана е и онаа вистинската, без да се злоупотребуваат финансиите на клубот. И тука веќе излегува на површина целиот хаос. Се гледа дека биле исплаќани провизии по многу различни точки од договорот, што веќе ја надминува првично соопштената бројка. (но, мора да се потенцира дека тоа не се исплаќани пари „на црно“ туку легално и чисто, и не поради „договор за играње“ што според Статутот на клубот е кршење на законите и за кое може да се одговара)

Значи, да повторам што е многу важно, не станува збор за избегнување на плаќање даноци итн. Станува збор за прикривање информации од членството, станува збор за лажно информирање, за лажно прикажување пред Членството и одборот, за злоупотреба на функцијата и злоупотреба на клупските финансии. Станува збор за кривоклетство, за кое се одговара пред закон исто така. Станува збор за „двојни книги“ пред самото Членство и Одбор. Но, да напоменам, не за неплатени даноци! Што е многу различно.

И затоа се „далеку“ сите оние текстови дека ФКБ ќе биде исфрлена од УЕФА, казнета од ФИФА итн. 
Никогаш и не станувало збор за напад кон клубот, напротив, само напад кон одредени личности, водство и членови на Извршен одбор, бидејќи и онака е нелогично самото членство да си го напаѓа клубот и да го доведе пред можни драконски казни од разни судски институции во Шпанија, а уште помалку од фудбалските институции во светот.

Целата оваа ситуација е потегната внатрешно од Соси на клубот и е внатрешен проблем кој се решава низ судските инстанци во Шпанија. Судот во Шпанија е оној кој ја бара целата документација потпишана со печат на ФИФА, а не обратно.

А ако потоа ФИФА или УЕФА покрене некаква друга постапка по друго прашање, што нема никаква врска со ова тоа е сосем друго прашање и сосем друг момент.

Затоа УЕФА и ФИФА се надвор од муабетите за разврска на ситуацијата.
И затоа цела оваа постапка нема да му наштети на клубот, во однос на казнени мерки надвор од овие кои сега се случуваат.
Но, на имиџот на клубот и на самото членство, веројатно да.

Друго прашање е колку ова ќе наштети на фамилијата Нејмар, кои земале пари за сиромашните деца во Сао Паоло, за скаутирање од татко му на Неј Џуниор, а човекот не ни имал лиценца за таа работа. Тоа повторно е надвор од рамките на „штета за клубот“.

Дополнително инфо: 

* Сандро Росељ не е првпат да ја напушта ФКБ. Првпат поднесе оставка во 2005-та на функцијата Потпретседател во клубот, кога претседател беше Џоан Лапорта.
* Покрај Џорди Касас и неговиот адвокат кој ја води целата постапка против Сандро Росељ е исто така СОСИ на ФКБ.

ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН НА ДЕРБИ.МК

Што значи оставката на Росељ за клубот, фудбалерите и следните резултати?


Начелно, ништо страшно и без никакви промени.

Оставката е чисто административна акција која резултира со смена на функцијата. 

А потврда за тоа можат да бидат и сите досегашни активности во и вон рамките на клубот. Иако владееше големо незадоволство од неговото претседателствување и имаше многу контрадикторности, сепак ниту еднаш на Камп Ноу не се случи ниту една пањолада, ниту имаше некаков штрајк на навивачите, Соси-те или пак фудбалерите. Акцијата „Го Барса“ која ја реализираа двајца од Соси-те на клубот едноставно заврши со принудната оставка на Росељ. А тоа сега виси како „дамоклов меч“ и над главите на останатите негови, кои ќе ја продолжат неговата работа низ претседателствувањето на Бартомеу. Факт е дека нема да настрада клубот, што во случајов е и најважно, бидејќи работите за коии се терети нималку не се наивни.

Клубот се наоѓа во прилично стабилна финансиска состојба и спортскиот концепт е на стабилна патека.

Борбата за позициите ќе биде тема на други инстанци во клубот кои сепак не се многу влијателни на моменталните игри на тимовите, во сите секции од ФКБ.

Напротив, ова можеби да биде само стимулативно за повторно враќање на кандидатурата на Џоан Лапорта или Марк Ингла или Алфонс Годал, ги споменувам само последните влијателни кои ја изгубија борбата против Росељ на последните избори. Тоа може да биде и враќање на дел од „старата“ гарда на неколку позиции во клубот, прво, враќање на главните координатори во фудбалските сектори, а потоа и на некои од легендите кои „исчезнаа“ со доаѓањето на Росељ, а мислам на Јохан Крујф, Пеп Гвардиола, Феран Сориано и Чики Бегиристаин, но после 2016-та година.

Сево ова, во овие моменти се само претпоставки кои во текот на следните месеци сигурно дека ќе бидат искристализирани и појасно видливи. 
Сега засега може да бидат задоволни сите симпатизери на блаугранистите дека административните случувања нема да имаат влијание по ниту една инстанца на секторот „спорт“ во било која смисла и во било која секција.

Што се` друго „црно“ е поврзано со Росељ?

По повод оставката на Сандро Росељ да потсетиме на постапката која пред неколку месеци ја започнаа но се откажаа Џоан Арнес и Џорди Касес кои уште тогаш побараа смена на Сандро Росељ од претседателската функција (а заедно со него и вицепретседателите Џосеп Мариа Бартомеу, Хавиер Фаус и Џорди Кардонер).

Меѓу многуте точки кои тогаш беа презентирани една по една, покрај неодговарањето на Росељ на многу од нивните прашања, сметаат дека мора да се прекине со неговиот хегемонизам и уништување на угледот на клубот.

Една од тие точки беше и „лажењето“ на Росељ на целото членство дека против него не се води судски процес никаде во светот, со што би прекршил членови од статутот на клубот. Тие доставија и документи дека се води против него судски процес, против неговата компанија Аиланто Маркетинг во која тој има 99% сопственост., процес во кој може да биде осуден и до 8 години затвор. (извор: бразилските медиуми и доставени јавно документи за судската постапка)

На сите присутни им ги презентираа и малверзациите кои ги имал Рикардо Тера Тешеира, поранешен претседател на Бразилската Фудбалска Федерација, кој поднесе оставка и се пресели во Мајами, а прифатил мито префрлено преку Андора до фондации и банкарските сметки на име на неговите деца, а учесник во одбраната на сето тоа токму неговиот најдобар пријател, Сандро Росељ.

Понатаму се образложи уште еднаш целата продажба на логото на дресот која останува сеуште енигма по многу прашања, зошто се` било нетранспарентно продадено на Катар Спортс Инвестмен, а подоцна и на Катар Ервејс. „Катаризацијата“ на ФКБ не била и со доброволно гласање на сите членови, многумина гласале против своја воља, токму поради притисоците кои ги имале од водството. А зошто? Поради тоа што Росељ имал лична корист од сето тоа. Имено, неговата компанија БонусСпортМаркетинг ја имала како главен клиент Аспајр Академијата (а тоа е куќата која го подготвува моделот за организација на СП во Катар 2022 година). На потпишувањето на сите тие договори понатаму бил и Хавиер Фаус еден од директорите на Имобилиариа Колониа. А главен кредитор на Имобилиариа Колоние е американската фондација Колони Капитал. Колони Капител беше сопственик на ПСЖ, а ПСЖ беше продаден токму на Ал Тани принцот во Владата на Катар. А за цела оваа афера Сандро Росељ со уште 9-мина други спортски „финансиери“ се појави во анализата „Катаргејт“ објавена во Франс Фудбал, со што дополнително го уништува угледот на ФК Барселона.

Росељ во многу наврати го критикуваше Лапорта за мешање на политиката во клубот, но тоа очигледно дека беше само камуфлажа за да добие гласови. Токму Росељ ја „вмеша“ на голема врата политиката во клубот, а тоа го презентираа и со неколкуте договори за разни активности со радикалната „Боишос Ноис“.

Поднесоа и документи за конфликт на интереси на етичкиот кодекс 4.1 за учеството на Тони Фреиша со својата адвокатска канцеларија како главен застапник на фудбалскиот клуб Џирона кој настапува во втората лига, што е недозволено.

Ињаки Ундаргарин е уште една од точките за кои се повикува како виновен токму Росељ. И покрај тоа што сеуште не е осуден Ињаки, не е отстранет од Фондацијата на клубот, бидејќи поради рушење на угледот, тој е пак одамна е отстранет од официјалната веб страна на Кралското семејство, името на улицата во Палма де Мајорка која го имала неговото име е променето, тргната е дури и восочната фигура од групата на кралското семејство во Мадрид. Само во клубот Ундаргарин сеуште ги има задржано сите функции. Тоа е повреда на членот 12.4 од кодексот за етика. (а не беше таква постапката кога му ја одзеде почесната титула на Јохан Крујф, само неколку дена по инаугурацијата)

Споменати се и уште неколку активности на Росељ со оф-шор компании со седишта во Либан.

Лошите постапки и реакции во односите со Реал Мадрид, со Флорентино Перез па дури и со Жозе Моурињо, се исто така транспарентно објаснети, што воопшто не оди на чест на клубот. Тужбата со КОПЕ во која на крај ФКБ ја извлекува полошата варијанта, а се однесува на „допингување“ на фудбалерите е исто така на „негов грб“.

Абидал, една од најболните точки на секој блаугранист, со директна вина за Росељ, исто така објаснето прецизно, каква грешка прави клубот и со право остава најголемо разочарување кај французинот.
Прашањето на Нејмар е во пообемен документ, за кој и ние пишувавме летово а денес е главна и единствена тема за оставката. „Нематеријалните трошоци“ од 10 милиони евра што му се исплатени на Нејмар пред потпишување на договорот се една од најнетранспарентните акции во име на клубот. Сега веќе се откриваат и останатите детали, до онакви меѓу кои се и исплата од 2 милиони евра ако тренерот го постави да игра на позиција која тој не ја сака, милиони евра за сиромашните деца во Сао паоло, милиони евра за татко му кој иако без ФИФА лиценца требало да скаутира деца во ФКБ и ред други исплати и „трошоци“.

Лагата за клаузулата на Тјаго, која две години беше презентирана како 90 милиони, за на крај да се дознае дека тој ја свел само на 18. Нешто што беше откриено од еден радио новинар во Каталонија.
Новите правила за пристап на Соси Членови, само ако се во крвно сродство со поранешни членови е дискриминација на сите фанови на клубот, а тоа го воведе токму Росељ како правило, откога беше назначен за претседател.

Тоа во најкратки црти беше причината за поведување на постапката за смена, која тогаш беше прекината, односно самооткажана од подносителите.

Инаку, начелно, големо незадоволство владеше поради неговото претседателствување во скоро сите секции на клубот.
Единствената работа која ја оценуваат како позитивна е сепак неприфаќањето на понудата од Флорентино Перез од 250 милиони за Меси и премин во Реал Мадрид. Но, на шега сите се сложуваат дека тоа немало да биде неприфатено ако Сандро имал личен ќар од сето тоа.
Ова беше накратко целото потсетување на постапката за смена која пред неколку месеци не беше реализирана.

ТЕКСТОТ ОБЈАВЕН НА ДЕРБИ.МК

Деталите за Росељ и Барса во случајот „Нејмар“


Случајот „Нејмар“ допрва ќе добива ново расветлување, прво пред судските инстанци во Мадрид.

Но, за појаснување на целиот случај, еве уште едно претставување на деталите, за кои се смета виновен Сандро Росељ што не го претставил транспарентно целиот договор „за потпишување на Нејмар“.

ФКБарселона која официјално ја покажува фактурата со потписот на Нејмар изнесува 57,1 милиони евра. Од кои 17.100.000 евра се за Сантос и 40.000.000 за aгенцијата „Друштвото Н&Н“. (Нејмар и Нејмар, а се однесува на таткото и синот)

Она за кое се терети Росељ е фактурата која всушност ФКБ ја прикрила, а изнесува 95.1 милиони евра и тоа со следните трошоци:

- Сантос - 17 милиони евра,
- Друштвото Н&Н - 40 милиони евра,
- Право на три фудбалери од Сантос - 7,9 милиони евра,
- 2 пријателски со Сантос - 9 милиони евра,
- Провизија за фамилијата на Неј - 8,5 милиони евра,
- Провизија за таткото на Неј - 2,6 милиони евра,
- Аванс за потписот - 10 милиони евра.

Ова се парите кои всушност се вели дека се исплатени преку клубот за Неј, а воопшто не се прикажани во финансиските книги во предметот за потпишување на бразилецот. Парите и вредноста на Нејмар не е спорна. Тоа може да биде и повеќе од 100 милиони евра. проблематични се првите 10 милиони евра кои се исплатени уште во 2011-та како аванс (а во клубот пријавени како „нематеријални трошоци“). Со овие пари се наметнува потпишување на договор најдоцна до јуни 2014-та година. Ако не потпише, Нејмар ќе морал да ги врати овие пари. Приказната понатаму знаете како продолжува. Спорни се и 4 милиони евра за таткото на Нејмар за проанаоѓање на спонзорска фирма за ФКБ во аспект на Нејмар. 2 милиони евра исто така за таткото за скаутирање на деца од Бразил, а тој воопшто ниту има ФИФА лиценца за тоа. 2,5 милиони евра за донирање на фондациите на Нејмар за сиромашните деца во Сао Паоло. И немаше од ова ништо да биде спорно ако Росељ не ја пријавеше бројката од само 57,1 милиони евра. Но очигледно дека тоа го направил за да не ја прикаже вистинската сума пред сите СОСИ на клубот. А да не заборавиме дека ФКБ не е приватна сопственост како скоро сите клубови во светот, туку е акционерско друштво на сите членови (СОСИ) и сите тие се подеднакви со по „еден глас“ во зиборот, одлучувањето и функционирањето на клубот. Тоа ја прави и разликата на ФКБ од сите останати во фудбалскиот свет. 

Сега проблемите допрва започнуваат.

Но тоа нема да има импликации во рамките на ФИФА бидејќи сепак станува збор за еден од најголемите светски брендови кои во многу нешта ја држи и можеби една од најголемите „економии и придобивки“ и на ФИФА и УЕФА. А ова се смета како внатрешна војна меѓу неколку фракции во самиот клуб и во однос на законите за финансии во сопствената држава.

ОБЈАВЕНО НА ДЕРБИ.МК