21.9.17

Зошто Барса нема никогаш да биде исфрлена од Шпанскиот фудбал, ниту по Референдумот?

Досега неколкупати имам пишувано за овој момент што се случува во Каталонија, Референдум, Независност и каде ќе игра Барса потоа?
Ама ајде ќе се повторам уште еднаш со оглед на актуелноста на ситуацијата.

Зошто е ова само уште една лоша кампања за застрашување, во однос на фудбалските перцепции? (бидејќи реков дека ќе пишувам само за аспектот на Барса и фудбалската „независност“)



Уште кога беше поставено прашањето за тоа дали да има Референдум, пред неколку години, сите медиуми објавија што во своите изјави рече Претседателот на Лигата, Хавиер Тебас, дека „ако Каталонија изгласа Независност, Барса и Еспањол нема да настапуваат во Лигата“. Но, како и по обичај ова беше само уште една популистичка кампања, како и сите претходно, промовирана со поддршка на Владата во Шпанија, за да се внесе страв и хаос меѓу гласачите во Каталонија, кои сепак ја разбираат „приказната“. Бидејќи 90% од новинарството во светот се сведува на „препишувачко“ (веќе имате стотици милиони „независни“ медиуми во сите форми кои буквално се инсталираат на сите видови електронски мрежи и само пренесуваат) многу е лесно да започнеш кампања која ќе се рашири како „оган во сува шума“ за дел од мигот. И никој потоа веќе нема да се прашува ниту за суштината, а впрочем таа и лесно ќе се заборави.

Имено, Тебас беше многу провиден во својата кампања, бидејќи воопшто пред се` тогаш не стануваше збор за отцепување на Каталонија, туку Реферундум со кој се покажа волјата на народот. Но Кампањата која беше нарачана во тој даден момент да функционира, не е важно дали беше суштинска или беше наменска. 

И тогаш запишав дека ако се изгласа Референдум (кој Владата на Шпанија сепак не го дозволува) тоа ќе биде еден процес од неколку години со кој потоа би се администратирале сите понатамошни активности на отцепување. Тоа во старт значеше дека ниту Ел Класико ќе запре, ниту пак некој ќе се одвои од фудбалската лига. Но, знаејќи дека народот на тие простори „живее за Фудбалот“ тоа беше еден од најлесните варијанти да се промовира „стравот за успешен Референдум“, да се вгнезди токму „можноста дека фудбалот ќе им се распадне“.

Така и би.
Поминаа години. Се изгласа можноста за Референдум, а со Барса не се случи ништо по тоа прашање.
Сега на ред е Референдумот.
Прво и основно и да се реализира, а секако дека ќе биде успешен, пак ќе поминат години на тегавење додека се реализира сета приказна.

И затоа повторно се`e „јово наново“.
А вчера и официјално ФК Барселона издаде соопштение, дека ја почитува волјата на народот и секогаш ќе стои во одбрана на слободата и демократијата во однос на самоопределувањето.

Е сега одиме на следниот апсект.
А тоа се двата клуба кои реално ги носат најголемите пари на Лигата.

Самите клубови и Реал Мадрид и ФК Барселона се против поделба на Лигата во секој случај. 

Бидејќи Референдум секако дека ќе има, а Шпанија тешко дека ќе може да го спречи самоопределувањето (ако не сега следната година или таа по неа) веќе, во тајност се размислува за дополнување со нов член во законот ако дојде до „успешен Референдум“. 

Како што сега во законот постои можност за учество на независна држава во Ла Лига, да се донесе новиот член за учество и на уште една независна држава, во случајов, Каталонија. Дури се откриваат веќе и возможните предлози во самата Федерација дека има предлог да се дополнат активностите и да се смени името во „Лига Иберика“. Тоа нема да може да го спречи ниту УЕФА, ниту ФИФА, бидејќи најголемиот буџет од маркетингот, фудбалски, индивидуален и клупски го добиваат токму од Шпанија, од Реал Мадрид и ФК Барселона. 

Се оди до таму што исфрлањето нема да го дозволат ниту Адидас и Најки кои се заеднички истомисленици по ова прашање, а се главни носители на финансиите во фудбалскиот свет. Самата ЛФП ова многу добро го знае дури и во договорите со МедиаПро со Реал Мадрид и ФКБарселона и за Ел Класико и за Лигата на Шампионите. 

Во прашање се милијарди евра, а не неколку милиони.
Од тие причини, на пример во Kаталонските медиуми, оваа вест е ставена во маргините на насловните страни, а во мадридските медиуми е распостелена веста на насловната страна како нешто кое треба да заплашува и да биде пренесено низ цел свет.

Ова се само едни од притисоците кои ќе следуваат и во наредните денови. 

За волја на вистината и самите во ЛФП, знаат дека ФКБарселона уште пред 9 години доби покана за настап во Француската лига, а од пред 7 години и покана за настап во Премиер Лигата што практично беше преседан во Шпанија. Иако генерално се дискредитираат овие факти и никогаш нема да бидат негациски потврдени од самите Федерации, бидејќи документацијата со понудите се чува во канцелариите на ФКБ, (едната јас, како автор на текстот, ја имам лично видено со сопствените очи, без да ми се дозволи да извадам каков било технички апарат за да ја фотографирам. Нормално, тоа е консензус на сите Претседателства, да се објави само кога ќе биде неопходно, бидејќи сепак станува збор и за „друга страна“)

Од тие причини, далеку е распадот на Ла Лига (без Барса во неа) се` додека милјардите евра се слеваат во касата на Шпанија од самиот фудбал, без оглед дали ќе има Референдум за независност и без разлика дали тој подоцна ќе се реализира. 

Сите страни знаат дека процесот понатаму е многу тежок и за едните и за другите ако бегаат и се оддалечуваат во аспект на ова прашање. 
Но, тоа не значи дека политички или територијално ќе останат зависни. 

Свонси и Кардиф, Монако се типичен пример на таква функционалност. 

Како дополнување на ова се и барањата во УЕФА кои сега засега се ставени во процес на мирување, токму поради Шпанија и Каталонија, а се однесуваат на спојувањето на лигите меѓу Холандија и Белгија, барањето на Селтик и Ренџерс да играат во Премиер Лигата, спојувањето на една Скандинавска лига од Шведска, Данска, Норвешка и Финска. За Балканската Лига веќе се` почесто читате.

УЕФА ќе молчи се` додека не се реши Шпанија, а потоа ќе мора да даде согласност по веќе предложените барања за кои НИКОЈ не сака ниту да пишува, ниту да прашува. 
УЕФА е во „статус кво“ фаза.

Затоа ова е само уште една ударна кампања која извира директно од премиерот Рахој, а се однесува на моментот „Независна Каталонија“. 
Мора да се проба со сите средства, а потоа, ако не успее и ако Каталонија започне процес во кој ќе добие независност (во следните 2-4 години) ќе следува надградувањето за кое пишавме претходно - Лига Иберика!
Финансиите одлучуваат, на крајот, за новата Лига Иберика.
Како и секогаш досега.

3.8.17

„Крушевскиот Илинденски Манифест“ не постои како оригинален документ!

Кога сме веќе кај Крушевскиот Манифест, веројатно дека најголем дел од вас не знаат дека НЕ ПОСТОИ никаков оригинален текст на Манифестот, туку тој е пишуван ПО СЕЌАВАЊЕ на Никола Киров Мајски во 1923 година. 

Да, ПО СЕЌАВАЊЕ и во 1923-та година! И ден денес историчарите се спротивставуваат со ставовите дали Манифестот го напишал Мајски или братучедот Никола Карев? Како и да е, никогаш нема да има ОРИГИНАЛЕН документ. 

А текстот на Манифестот ПРВ ПАТ е објавен во драмата „Илинден“ (со поднаслов: „Слики од великото македонско востание пред 1903 година“) на Никола Киров Мајски во 1923 година. Мајски умира на 2 август 1962 година во Софија и оваа вечна тајна за постоењето на Манифестот останува закопана во неговиот гроб. 

Ова колку да знаете, тие што не знаете...а ве има огромен број.

(објава на Фејсбук) 


7.7.17

Зекири е нормална појава во едно девастирано општество, но...

Кога имате пред себе една девастирана држава и општество кое воопшто не наликува на нешто што би требало да функционира по барем основните цивилизациски стандарди, тогаш воопшто не се изненадување никакви пост фестум девијации на функции, девијации во управувањето и едноставно девијации на „ново“ видување на нештата, колку и да сакате тоа да е така.

Токму од тие причини на Македонија и се случи Зекири.



Зекири, со став на лице кое е назначено да раководи со држава. 
Лице кое треба да создава услови за живот на милиони други. 

Од тие причини, партија на власт (секако и на опозиција, која еден ден тежнее да дојде повторно на власт) мора да внимава какви "лични ставови" става на функции. Затоа не е исто да разговараме за таков личен став на човек меѓу нас и на човек кој треба да носи одлуки во името на сите нас.

Затоа треба на сите тие функции да се ставаат луѓе кои се најдобрите од сите нас.

Луѓе кои имаат расчистено со предрасуди и ставови слични на овие. 
Можеби моево е само утопија, но никогаш нема да се откажам од тоа дека треба да тежнеам кон најдобриот избор.

Зекири не ја утна, тоа е негов личен став за кој можеме да дебатираме 1001 ноќ.

Партијата на власт ја утна.

И се закопува уште повеќе со тоа што не извлекува поука од сите поумни кои го критикуваат моментумов.

А можеби помина времето на критика, којзнае!?

2.7.17

Само проста маса можеш да манипулираш со Про Боно работа во власт!

Работењето Про Боно (во буквален превод „за добро“, а се однесува на работа за која нема да се бара финансиска надокнада) е една реално и суштински многу хумана акција. 

Многу препознатливо е кога адвокатите прифаќаат Про Боно работа.


Но, да се прават спектакли од прифаќање Про Боно функција во високата државна политика или во администативни функции на Влади и нивни администрации е сосем различно препознавање.


Тоа е она што најчесто простата маса не го разбира и дозволува да биде изманипулирана.

Секој би работел Про Боно ако може да има целосна контрола врз Бизнис климата во државата, ако авторитетот на функцијата му дава да ги влече конците со кои ќе се зголемуваат приходите на „фамилијарниот“ или „личниот“ бизнис.

Голем дел од политичарите (читајте ја Наоми Клајн за да ви биде појасно, за сите вакви примери во „големите светски Влади“, на пример) дури и инвестираат огромни пари за да бидат избрани за функција во Влада, а потоа да ја извршуваат функцијата Про Боно. Затоа е комплетно погрешно од такви ликови да се прават икони, идоли и квази-хумантирци. Такви ликови многу добро си пресметале зошто се токму на тоа место „Про Боно“, во милиони и милиони евра, долари или која и да е валута.

Затоа подобро е малку да почнете да учите, да размислувате и да не дозволувате медиумите да ве влечат за нос како тоа некој со многу кеш работел Про Боно во рамки на Влада или Владина институција, „за доброто на државата“.

Никој. 
Никогаш!

17.6.17

Разликата меѓу соц.мрежи и реалниот свет

Социјалните мрежи се разликуваат само во едно нешто од реалниот свет.


И во светот околу нас што го живееме ја гледаме истата проста маса која најчесто ја одбегнуваме за комуникација по социјалните мрежи. Не со секого влегуваме во коментирање и дообјаснување исто како што во реалниот свет НЕ со секого пиеме кафе и се дружиме низ муабетење во слободното време.


(нормално дека ова важи за умните и интелигентните, не за оние кои мислат дека тоа се, а и со шуто и рогато се објаснуваат кој е во право, под велот на некаква си квази-демократија дека секој има право да каже што сака)

Разликата е само во едно.

На социјалните мрежи и оние кои едноставно немаат ниту два грама ум, а се самоуверени дека се најумните на светот, благодарение на тастатурата и интернетот се „видливи“, колку-толку. Некој им „обрнува“ внимание.

Додека во реалниот живот таквите не постојат.
Ниту ги гледате по улици, ниту по театри, кино сали, кафичи, дискотеки и слично. Едноставно, нивниот живот е само онаму каде има интернет.

Е толку е разликата меѓу социјалните мрежи и „социјалниот“ реален свет.

Останатото каде нема разлика е само 1%.

(исто како и со читателите на овој текст. 1%)

5.6.17

Заев, сега и кај тебе е ракометната топка, како и останатите по неа!

Го почнувам овој текст токму на овој начин, бидејќи пред многу години додека сеуште беше во опозиција, а далеку од Премиер, во „Топки“ го презентираше еден од најубавите спортски проекти за насочување на данокот во општина Струмица во спортски цели. Тогаш беше пионер во Македонија, а тој одличен проект беше блокиран за воспоставување на државно ниво само поради тоа што не беше проект на партијата на власт. 

Таа погубна политика ја видовме во изминативе години. Веќе нема да ја споменуваме. Небитна е понатаму.

Денес Вардар стана шампион во спортот кој очигледно многупати досега ни покажа на сите нам дека е „Спорт Број Еден“ во Македонија.

По 15 години од женската титула во истиот спорт, Македонците може да се радуваат на нова, овојпат во посилната категорија, иако на дофат на рака е и уште едно повторување и во женска, пак.

Но, што е сега битно?



Дали ќе ги прокоцкаме годините кои следуваат како што тоа се случи со Кометал?

И тогаш „странци“ го направија успехот. Македонија не успеа да го искористи нивниот успех на најдобар начин и да направи влијателна репрезентација и влијателен клупски ракомет во европски и светски ранг. Даде државјанства и туркаше малку по инерција. Но кога требаше да се создаде сопствена база, згасна се`. И ракометарките и базата и клубот и спонзорството, а на крај и репрезентацијата. Не се искористи нивното присуство во Македонија додека беа активни и додека можеше да се „пресликува“ нивниот успех низ она кое нам требаше да ни биде база.

Сега ја имаме истата ситуација.

Но, сега ве имаме и вас, новата Влада и тебе Зоки кој знаеш и имаш големо искуство како се прави успех во спортот. Струмица беше одличен проект. Затоа не треба да се заборави се` направено тогаш. Напротив, да се продолжи со посилно темпо. Да се формираат институции ако треба и аналитички центар за да се испита теренот. А потоа чекор по чекор, да се внесе ракометот во задолжителните предмети во основното образование. Да се оди чекор понатаму и да се дозволи на сите во Македонија да имаат бенефити од овој прекрасен спортски успех.

Без оглед што сите знаеме дека Самсоненко е пулен на вашиот политички противник. Без оглед што и вие знаете дека нашиот најдобар ракометар на сите времиња е побизок до власта која замина, неговиот камп и тоа што го прави треба да биде дел од секоја нова и прогресивна спортска програма.

Без оглед што, генерално, оние кои заминаа вложуваа повеќе во спортот отколку во времето на Бранко кого спорт не го интересираше ама воопшто.
Одважете се и спојте го убавото и успешното во иднината на спортската Македонија. „Академија Пандев“ нека биде исто така огледалото во кое ќе се погледнува како треба да се продолжи од денес понатаму.

Тоа е многу нормален процес секаде во светот, во земји кои немаат многу успех во сите спортови. Азербејџан го направи шахот и каратето задолжителен предмет во основните училишта, еве на пример.

Не правете го она што го направија со „македонското ватерполо“ за кое срам ми е и воопшто да пишувам. (а се надевам дека еден ден некој и ќе одговара за тоа перење пари што го направи тогашната власт)

Затоа, сега е времето Македонија да профитира од овој успех и да се создаде расадник со кој ќе се гордееме ракометно низ децениите нанапред. Не повторувајте ја грешката од претходниот успех.

Тоа го можете, затоа што знам дека добро го знаете.

Топките од спортот се сега во вашите раце, институционално!

18.5.17

ВЛАСТА СЕКОГАШ МОРА ДА БИДЕ И КРИТИКУВАНА, КОЈА И ДА Е!

Секогаш е убаво кога има промена на власт, посебно ако со таа промена се отвараат слободни патеки во враќањето на нормалните текови од животот, правна држава, Уставен поредок и права, медиумски слободи и воопшто цивилизациски тек на настаните кои следуваат.

Но, никако нема да може да ми биде прифатливо еуфоричното бескомпромисно поддржување на Власта, која и да е, каква и да е.


Власта СЕКОГАШ мора да се критикува!


СЕ КО ГАШ.


И тоа е тоа што нема компромис.


Затоа што секоја власт има моќ на владеење, троши народни, буџетски пари и не секогаш води правилни политики.


(се надевам дека знаете дека најголемите борби меѓу позиција и опозиција како и борбата за власт е токму темата, кој да го распределува Буџетот, кој достигнува годишно неколку милијарди евра)



Работникот/народот секогаш ќе бидат во јарем стегнати под законите на таа Власт, која и да е.


А основните цивилизациски права и слободи може само народот сам да си ги штити, да се бори за нив и да ги зголемува.


Токму така.


Од тие причини, намалете со еуфоријата, за да не биде после плачки и кукумјавчење.


Секоја Власт треба да биде подготвена да ги реализира ветените нешта, а конкретно оваа нова Власт и да ја врати Државата на вистинските цивилизациски патеки, да ја ослободи медиумската сфера од робовладетелството и нека почне да го разрешува криминалот институционално како што доликува на секоја европска држава.


И треба да биде под будното око на народот кој ќе ја фали или критикува.
Само така може да се гради нормална држава.


Никако на друг начин.


Другиот начин го видовме и никој нормален не би сакал веќе да се повтори!

17.5.17

И СПОРЕД ХАРМС БИ ГО ДОБИЛЕ ИСТИОТ ОДГОВОР НА ПРАШАЊЕТО „ШТО Е МАКЕДОНИЈА?“

Ако во една земја, Уставот се прекршил многупати, ако истиот тој Устав секој си го толкува како што си сака, ако има Уставен суд кој исто така си работи „на повик“ прекршувајќи го „по потреба“, па повлекува дека мене како човек и жител не ми се гарантирани правата според тој Устав запишани, тогаш можеме ли да збориме дека воопшто и постои Устав?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.

А ако не постои Уставот реално и во практика (а гледаме дека е така) тогаш дали можеме да зборуваме дека постои Држава?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.



Епа ако не постои Устав и не постои Држава, за што воопшто збориме и како административно ќе ја именуваме територијата која ја познаваме како Македонија и на која реално живеат луѓе?

Македонија која постои на хартија, но реално во практика Не, сем како територија со луѓе?

Можеби ова не е Циркус Принтипрам, ниту сум јас Данаил Хармс, ама овој причинско-последичен заклучок е многу реален и точен, без оглед дали вам ви се допаѓа или не.

Е од тука се повлекува и следното, дека не може да се распадне административно нешто што реално и не постои. (територијата ќе си остане и луѓето во неа, секако)

Затоа, не чудете се дека парчето територија кое денес го нарекуваме Македонија и кое имаше големи шанси да стане добра и квалитетна држава (добра и квалитетна, според сите цивилизациски стандарди), сега допрва ќе се формира, без разлика дали под протекторат или нечие менторство.

А Данаил Хармс исто така, може да го сакате или да не го сакате. Сеедно. Исто како фактов кој штотуку го прочитавте.

12.5.17

МАЛКУ ЗА ДИЈАСПОРАТА, КОЈА ОЧИГЛЕДНО ВЕ ПОТРЕСЕ СО ЕВРОВИЗИЈА...

Не дека сум изненаден оти е прв пат, туку сум изненаден како еднаш засекогаш не сфатите дека се` на купче е гола вода.

Да, гола вода!


Како што Ина „НАЈ“ Многуфина напиша хируршки-прецизно во еден пост „Не е Јана крива, тимот што со години ни ги троши парите е гној! ‬Едни исти луѓе идат со наши пари на прчикур на Евровизија секоја година! Приватна журка ли е шо ли е?“, токму така и е.


Прчикур, приватна журка.

Но, за нив нема да коментирам, бидејќи со години перат државни пари, се чаталат во името на МКдонија и „мува не ги лази“. Веројатно, малку повеќе е од приватна журка. Само штета што има многу што тоа го знаат дури и во МТВ но не смеат да писнат, бидејќи како црева се исповрзани на своите работни места од раѓање до смрт.

А дијаспората, која толку многу ве потресе и не фрли ниту евро (или одвај едно) за да „потпомогне“ со глас повеќе, тоа ме чуди!?


Треба да ви се нацрта за да сфатите кои се се` дијаспора?


(да расчистиме на старт, зборуваме за најголем дел од дијаспората, можеби и до 90%, не за Свесните)



Уште не сте си ја направиле анализата, за да не се штрецнувате од фактите? Или поубаво ви е да си ќутите за да не го собирате гневот од „селаните во белиот свет“?

Токму така.


Вие очекувате поддршка од селаните кои во опинци тргнале по „парче леб“ и во меѓувреме не достигнале прогрес, сем на финансиски план?


Тие „Вода во очи“ немале, а сега барате да фрлат 2-3 евра на смс за МКдонија? (ќе држеше вода муабетов, да беа во меѓувреме освестени)


Дијаспората, најголем дел се од селата, на кои најголема цел им е да направат капитал што подразбира само добар автомобил за враќањата во МК и куќа на неколку спрата која ќе стои празна од Божиќ до Велигден и од Велигден до лето.


Сакате дијаспората да фрли 20-тина смс, олицетворена во лик кој живее во гето, доживува оргазам на ајвар што го има најмногу во своите подруми, уште замуцкува на јазикот во земјата каде живее бидејќи и по 2о години не го научил како што треба?


Сакате неговата фамилија да потроши 20 евра во годината за гласање, а кутрите ниту кино виделе, да не зборувам за одење во Театар, Балет или Оперска сала? (можеби не ни знаат што е тоа, којзнае!? Бидејќи главното онанирање им се Цеци, Меци, Драгани и останати турбо фекалии. ... среќа што не го разбираат ни зборот „онанирање“ па можеби и нема да станат бесни од текстов:)


Очекувавте дека таква дијаспора ќе ви даде поддршка?


Можеби, само ако ги анимирате со некој „Евровизиски викенд“ во нивното гето со гратис кобасици, пиење, плескавици и ќебапи...тие тоа го викаат Пикник. Македонски Пикник. хахахахахаха


Вие очиглдно дека не знаете што значи Македонска Дијаспора!?


Таа функционира за време на гласање и најчесто по прашањата „Кога ќе е Солун наш?“, „ВМРО до гроП“, „Гоце на тераса“ и слични мешетарења на темите за „Македонија не ја даваме...“


Затоа сте ми чудни, вие кои сте Свесни, Освестени и умни.


А делот кој е во дијаспора и е Свесен и Умен, е малку.... нормално... и тој не се замара најчесто со вакви мас популистички занимации како Евровизија и слично.

Можеби и јас грешам воопшто што пишувам на темата, ама ме испоровоцира ќеифот за пишување :).

Во име и за чест на малкумината умни во дијаспора и сите свесни и умни во Македонија, кои рака на срце ги има далеку повеќе отколку во дијаспора.

10.5.17

Зборувајте ми и понатаму дека „добро е се` додека има за лепче“

Пред малку, влегов во супермаркет и додека влегував внатре, ја симнував прво кацигата, а потоа и заштитникот (качулката) за под кацига.

На самиот влез ми се пуштија тројца од обезбедувањето и строго ме опоменаа дека не смеам да влегувам ниту со кацига на глава, уште помалку со качулката внатре.

Ме потсетија дека дека таа цела операција мора да ја направам откога ќе се симнам од моторот, без оглед што моторот беше паркиран на 2 метри од влезот па сакав само побргу да завршам работа и сето тоа го правев во движење.

Се извинив и ја прифатив опомената со најголема моја одговорност за грешката.

Ај сега зборувајте ми за Македонија и за „качулките“ кои шетаат во институции во кои било каде во светот би добиле директен истрел и куршум во чело, без опомена.

И понатаму ќе велите: „добро е, само нека има за лепче“ ?

*случката од супермаркетот штотуку се случи во земја од ЕУ

6.5.17

ЌЕ СЕ ЛИГАВИМЕ ЛИ НА ПРОСЛАВАТА „30 ГОДИНИ ОД МАТУРА“?

Мај, за повозрасните е и месец во кој се прават организации на „децениски матурски видувања“ (иако веќе и оние кои завршиле пред 5 години го прават истото).

Порано, факт е дека бев и јас еден од оние следбеници на тоа правило, за да се видиме кој каде е и што прави.


Но, како што овозраснев (повеќе би рекол, станав поумен и поискусен) сфатив дека тоа се едни од најтапанарските средби и организации, сем ако се нема намера да се „плесне“ нешто таа вечер, онака за „старите добри времиња“ или нешто неостварено во „средно“ па сега ете на „стари години“.
Друга логика ми нема.


Со тој што сакаш да се видиш, секако дека ќе најдеш начин да се сретнеш, да се напиеш кафе и да си напраиш муабет. Денес, барем соц.мрежи тоа ни го дозволуваат безгранично.




А со тој што „на сила“ ќе се праиш фин, логиката вели дека ќе е само средба каде на поуспешните ќе им се набилда егото дополнително, а на тие помалку успешните ќе им се протурка вечерта од желудник до хранопровод (или во најмала рака, ќе измислат приказна зошто не дошле).


Или ќе се убедуваме дека „леле колку ми е драго што се видовме“? (А зошто до тој момент не сме се виделе?)


Се`на се`, потапа не може да биде.


Порано сето ова имало логика, кога тие од Свирипичино и тие од Кожуф немале начин да се сретнат, па преку оглас во Нова Македонија ќе прочитаат „25 години од Матура во ГУЦ„Здравко Цветковски“ на 22 мај во 18 часот“.


Денес времето ми изгледа толку многу скапо што безпотребно е да се троши на небитни нешта.

20.4.17

И ПОСЛЕ ПАК ЗБОРУВАЈТЕ МИ ЗА ПРЕЗИМИЊА ...

Денес беше ден во кој го регистриравме новородениот Лео во администрација на Малта.

Она што е интересно податливо за текстов е дека Малтешките закони имаат сосем различен пристап во прифаќањето и регистрирањето на презимињата кај новородените деца.

Имено, како родители одлучивме Лео да ги носи и двете презимиња, едното од мајката и едното од таткото. (бидејќи дури и ние при венчавањето не си ги променивме, ниту ги додававме еден на друг, Весна Витанова си остана исто како и Игор Филевски, нели нормално :-)

Лео Витанов Филевски беше нашата одлука со која ги пополнивме документите за да ни биде издаден Извод од Матичната книга на родените.

И тука дојде изненадувањето.

Администраторот го одби нашиот предлог од неколку причини:

1. Малтешкиот закон не дозволува презимето на мајката да биде пред презимето на таткото.

2. Мајката со презиме Витанова, е различно од детето со презиме Витанов.

3. Условот за да го има и презимето на мајката (зад татковото) е само ако е идентично со нејзиното.

За останатите сегменти од пуритански воспоставената држава во некои нивоа или со други зборови речено „патријахално сетираната држава“ нема потреба да задлабочувам. (чим сме одлучиле да живееме тука, нормално е и да ги почитуваме овдешните закони)

Лео е официјално регистриран како Лео Филевски Витанова.

Среќа што не се роди во Бразил, бидејќи по нивните закони ќе мораше да биде:
Лео Киселоводски Скопски Центарско Струмички Филевски и Витанов.*


*за оние кои не знаат, долгите и многу имиња на бразилците означуваат реони на потекло, фамилијарни родословни имиња итн.



8.4.17

ДОДЕКА НЕПИСМЕНОСТА НЕ ГО УНИШТИ ЦЕЛИОТ СИСТЕМ...

Последниве неколку дена актуелна е темата за неписменоста на популацијата на парчето земја Македонија.

Можеби бројките се шокантни, но барем за мене воопшто не се изненадувачки.


Нема потреба да биде човек многу паметен за да сфати уште „на прва топка“ дека реалната ситуација сигурно е уште полоша. Не ви требаат ниту вам анкети или некакви сондирања на јавното мислење, уште помалку пак нови испитаници и тестирања.


Неписменоста може веднаш да ја поминете низ филтер уште по социјалните мрежи и да се соочите со потврда на кажаните резултати. Тргнете од Фејсбук, преминете на Твитер и завршете на Инстаграм или некоја слична мрежа.


Тоа е реалноста.



Полуписмени и неписмени насекаде наоколу.
Порано тие беа филтрирани уште за време на основното образование, а подоцна со втор филтер низ средното.


Денес кога има „квази отворено општество“ има се` повеќе затворени умови, со минимална писменост, никакво познавање на правописот и уште помалку правење разлики од правогорот.


Да, секому може да му се случи да погреши, да направи lapsus lingua, но не и да не ги знае основните правила.


Погледнете околу вас кој се` завршува средно образование, а да не зборувам за факултетските образувани личности. Секако дека зборот „образувани“ овде го искористив сaмо колку да ја акцентирам поентата. (далеку се тие од „образувани“)


Девастирано општество, генерално еродирано образование, погрешен пристап во концептот „компјутер за секое дете“, промашен план за развој на високото обрзование и ред други точки кои само ќе го влошат цело ова набројување.


(во се`има исклучоци, па така би било грев да кажам дека нефункционалноста ја гледам и кај некои училишта или Катедри кои навистина отскокнуваат од просечноста и дното. Но, нив може да ги пребориме на прсти)


Да се има проблеми е едно, тие ќе се решат вака или онака. Но, да се „одгледува“ неписмено население и да се турка „под чергиче“ дека тоа не е никаков проблем, е повеќе од страшно. Секако дека тоа им одговара само на оние кои подготвуваат стогодишно владеење (како стогодишен снег, дожд или поплава), па си рамнат терен за лесно управување со масите.
Се надевам дека сега ви е малку појасно зошто низ годините наназад никој не виде најопасен елемент токму во таа неписменост која се гаеше тивко и полека, без никакви медиумски потреси.

Затоа, воопшто и не сум изненаден од „фрапантноста“ со која голем дел од вас се соочивте пред неколку дена.


Напротив, можам само да дополнам дека најлошото на ова тема допрва ќе следи.


А тоа е комплетно распаѓање на целиот систем.
Буквално целиот систем, по вертикала и хоризонтала.
Како и на кој начин, не би сакал да посочам сега, бидејќи таков катаклизмички опис ќе ви биде премногу песимистички за да можете да го разберете оптимистички, во насоката „ништо нема да тргне кон добро, додека не го допре дното“.


А сеуште има период на распаѓање додека неквалитетниот пристап и живот го допре дното.

5.4.17

ПРАЗНИ ДЕМОКРАТСКИ ГЛАВИ

Зборувате за држава?

Каква?

Каде е?

Функционира ли?

Или мислите чим се собираат даноците има функционална држава?
(бидејќи ништо друго не функционира со таква прецизност и рок на исполнување)

Некако неосетно ви се измешаа лончињата од вашата демократија, која е најмалку демократија каква сакате да ја практикувате (и неписмениот да зборува за правопис и правоговор)!?

Еден ден ако излезете надвор од вртлогот во кој денес центрифугата на глупоста ве замајува до бесознание, можеби ќе сфатите дека всушност сте го потрошиле животот жабокрекајќи во мочуриште.

А тие кои отстрана го гледаат вашиот рингишпил поставен на истата територија (и кои знаат добро како треба да изгледа држава, но не им одговара да се случи и да биде) ќе бидат далеку пред вас, толку далеку што нема ни да можете да замислите колку е тоа далеку.

Зборувате за држава, сеуште? Ммм, празни глави, сеуште?

27.3.17

НАЈТЕШКИТЕ ДВА ЗБОРА ЗА МАКЕДОНЕЦОТ (генерално)

Ако треба да се напише во колку точки се прави разликата меѓу животот во цивилизираниот свет и она парче на Балканот кое го викаме МК, сигурно дека ќе бидат стотици, а можеби и повеќе.


Но, една точка секако дека ќе биде Прва и пред се`, што и да се каже и напише. Онаа која ја прави и разликата во културата и цивилизираноста, разлика во комуникацијата, па дури и разлика во „комплетниот софтвер“ што го квалификува општиот профил на еден народ.

Разликите по многуте аспекти се некогаш мали, некогаш поголеми.
По оваа точка разликата не може да се опише ниту со збор, ниту со реченици.

„Ве молам“ пред (или по) секоја реална молба

и

„Благодарам“ по завршената акција.

(на пр. Англичаните: „Please“ и „Thank you“. А го има во секоја култура на развиените цивилизации)

Да, тука започнува секое објаснување и дообјаснување.
(секоја чест на малкумината на кои ова им е реално секојдневие)

А за останатите разлики депласирано е да зборуваме на народ или нација која никогаш не е воспитана да замоли и да се заблагодари (генерално).

И ОД ОВА МОЖЕ ПОДОЛУ, НО ДА ПОЧЕКАМЕ...

Ништо не е како порано, да тоа го знаеме.
Дека се`е еродирано, и тоа одамна го знаеме.
Од образование до домашната култура и воспитување.

А за да биде појасно и до кој степен, ете отворете на пример, еден од трагачите кој очигледно се користи повеќе од сите останати (како најпопуларен секако), тајм.мк.
(не се тие виновни што огласуваат, пазарот си бара)


Ако пред години наназад на трагачот имаше адвертајзинг што беше во аспект на промоции на театарски претстави или некој друг „цивилизиран сектор од културата и збиднувањата“ сега „блеска“ реклама за „Најголемата Журка на Балканот со Драгана Мирковиќ и Аца Лукас“.

А Цеца е само капка во морето на трубо-фолк културата која се живее во МК, како ниво во кое вегетира најголемиот дел од масата.

Според сите тие информации на купче, навистина треба да сме среќни сите ние кои на време го фативме „возот за надвор“, затоа што вака како што станало, којзнае дали ќе успеевме да бидеме свесни за девастираното општество во кое денес виреат уште многумина како нас, лажејќи се дека можеби и не е така како што ни изгледа нам отстрана.

А и веројатно ова не е се`. Допрва ќе атерира уште турбо-фолк култура. Почвата е максимално подготвена да ги впие сите производи.

(забелешка: можеби е комплетно небитен овој коментар кога сме веќе надвор од инџекшн-лудилото, но за малкумината свесни сигурно е сочувство)


25.3.17

ОВА ВЕЌЕ НЕ Е „МОЕ СКОПЈЕ“

Колку сакате и натаму фолирајте се со „Мое Скопје“, него го нема.
Исчезна како што исчезна Азурниот прозорец пред дваесетина дена.
Тажно е веќе...

Без оглед колку можеби би сакале да ме разубедите, нема да успеете.
Нема да успеете да ме разубедите дека не ја видов некултурата која навлегла во сите пори на општеството со сите свои аспекти.

Нема да ме разубедите ни дека не ги гледав некогашните „сограѓани“ распцуени на секој чекор и на секој семафор додека најчесто и не се чекори. (на моменти помислував дека е џабе „зеленото светло“, кога се` стои в место, а можеби и дури попрецизно, нешто оди дури и наназад).

Нема да можете да ме разубедите дури и в миг да ги тргнете скелињата кои го „запоседнале“ центарот во нечистотија и квази урбана градба.

Тоа не е мое Скопје.

Можеби повеќе го почувствував како феудален посед на некој новокомпониран вазал што „има“ идеа од закрепостените селани да направи ренесансни уметници.

А јас секако нема ни да се трудам да ве разубедувам дека токму таква е сликата за секој умен, што барем еднаш заминал во „белиот свет“, далеку од вашата крепост.

Живејте си вие во „вашето Скопје“, а јас ќе си ги разгледувам фотографиите од некогашното мое Скопје.