17.5.17

И СПОРЕД ХАРМС БИ ГО ДОБИЛЕ ИСТИОТ ОДГОВОР НА ПРАШАЊЕТО „ШТО Е МАКЕДОНИЈА?“

Ако во една земја, Уставот се прекршил многупати, ако истиот тој Устав секој си го толкува како што си сака, ако има Уставен суд кој исто така си работи „на повик“ прекршувајќи го „по потреба“, па повлекува дека мене како човек и жител не ми се гарантирани правата според тој Устав запишани, тогаш можеме ли да збориме дека воопшто и постои Устав?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.

А ако не постои Уставот реално и во практика (а гледаме дека е така) тогаш дали можеме да зборуваме дека постои Држава?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.



Епа ако не постои Устав и не постои Држава, за што воопшто збориме и како административно ќе ја именуваме територијата која ја познаваме како Македонија и на која реално живеат луѓе?

Македонија која постои на хартија, но реално во практика Не, сем како територија со луѓе?

Можеби ова не е Циркус Принтипрам, ниту сум јас Данаил Хармс, ама овој причинско-последичен заклучок е многу реален и точен, без оглед дали вам ви се допаѓа или не.

Е од тука се повлекува и следното, дека не може да се распадне административно нешто што реално и не постои. (територијата ќе си остане и луѓето во неа, секако)

Затоа, не чудете се дека парчето територија кое денес го нарекуваме Македонија и кое имаше големи шанси да стане добра и квалитетна држава (добра и квалитетна, според сите цивилизациски стандарди), сега допрва ќе се формира, без разлика дали под протекторат или нечие менторство.

А Данаил Хармс исто така, може да го сакате или да не го сакате. Сеедно. Исто како фактов кој штотуку го прочитавте.

No comments:

Post a Comment