18.5.17

ВЛАСТА СЕКОГАШ МОРА ДА БИДЕ И КРИТИКУВАНА, КОЈА И ДА Е!

Секогаш е убаво кога има промена на власт, посебно ако со таа промена се отвараат слободни патеки во враќањето на нормалните текови од животот, правна држава, Уставен поредок и права, медиумски слободи и воопшто цивилизациски тек на настаните кои следуваат.

Но, никако нема да може да ми биде прифатливо еуфоричното бескомпромисно поддржување на Власта, која и да е, каква и да е.


Власта СЕКОГАШ мора да се критикува!


СЕ КО ГАШ.


И тоа е тоа што нема компромис.


Затоа што секоја власт има моќ на владеење, троши народни, буџетски пари и не секогаш води правилни политики.


(се надевам дека знаете дека најголемите борби меѓу позиција и опозиција како и борбата за власт е токму темата, кој да го распределува Буџетот, кој достигнува годишно неколку милијарди евра)



Работникот/народот секогаш ќе бидат во јарем стегнати под законите на таа Власт, која и да е.


А основните цивилизациски права и слободи може само народот сам да си ги штити, да се бори за нив и да ги зголемува.


Токму така.


Од тие причини, намалете со еуфоријата, за да не биде после плачки и кукумјавчење.


Секоја Власт треба да биде подготвена да ги реализира ветените нешта, а конкретно оваа нова Власт и да ја врати Државата на вистинските цивилизациски патеки, да ја ослободи медиумската сфера од робовладетелството и нека почне да го разрешува криминалот институционално како што доликува на секоја европска држава.


И треба да биде под будното око на народот кој ќе ја фали или критикува.
Само така може да се гради нормална држава.


Никако на друг начин.


Другиот начин го видовме и никој нормален не би сакал веќе да се повтори!

17.5.17

И СПОРЕД ХАРМС БИ ГО ДОБИЛЕ ИСТИОТ ОДГОВОР НА ПРАШАЊЕТО „ШТО Е МАКЕДОНИЈА?“

Ако во една земја, Уставот се прекршил многупати, ако истиот тој Устав секој си го толкува како што си сака, ако има Уставен суд кој исто така си работи „на повик“ прекршувајќи го „по потреба“, па повлекува дека мене како човек и жител не ми се гарантирани правата според тој Устав запишани, тогаш можеме ли да збориме дека воопшто и постои Устав?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.

А ако не постои Уставот реално и во практика (а гледаме дека е така) тогаш дали можеме да зборуваме дека постои Држава?

Можеби постои на хартија, но реално во практика Не.



Епа ако не постои Устав и не постои Држава, за што воопшто збориме и како административно ќе ја именуваме територијата која ја познаваме како Македонија и на која реално живеат луѓе?

Македонија која постои на хартија, но реално во практика Не, сем како територија со луѓе?

Можеби ова не е Циркус Принтипрам, ниту сум јас Данаил Хармс, ама овој причинско-последичен заклучок е многу реален и точен, без оглед дали вам ви се допаѓа или не.

Е од тука се повлекува и следното, дека не може да се распадне административно нешто што реално и не постои. (територијата ќе си остане и луѓето во неа, секако)

Затоа, не чудете се дека парчето територија кое денес го нарекуваме Македонија и кое имаше големи шанси да стане добра и квалитетна држава (добра и квалитетна, според сите цивилизациски стандарди), сега допрва ќе се формира, без разлика дали под протекторат или нечие менторство.

А Данаил Хармс исто така, може да го сакате или да не го сакате. Сеедно. Исто како фактов кој штотуку го прочитавте.