30.3.18

Претпоставувам дека Путин ќе го предаде пехарот на Аргентина...

Додека ФИФА се` уште одолева на предлозите и притисоците за преместување на СП од Русија во некоја (или некои) друга земја, мене поатрактивно ми е да си правам анализи во аспект „како Аргентина би имала шанса повторно да стигне до Финалето?“.

Секако, ќе земам предвид дека нема да има никакви промени и дека СП ќе си почне и ќе си заврши во Русија.

И уште една забелешка е многу важна, дека е рано за вакви сериозни калкулации бидејќи не се знае кој ќе е на списокот, кој ќе е повреден итн, но ако биде се` како што е денес, тоа е токму оваа претпоставка.


Аргентина во прв натпревар со Исланд кој секако ќе влезе со многу фрустрации во овој натпревар, дел поради неискуството, а дел и поради очекуваното негостопримство од домаќинот. Не се ни очекува дека може да направи изненадување. Вториот, далеку потежок натпревар ќе е против Хрватска и можна е мала разлика, но секако победа. Третиот натпревар против Нигерија, секогаш нуди три опции. Со оглед на претходните два, дури и нерешено, би било повторно „прво место во групата“.

Следното вкрстување претпоставувам дека би било против Данска. 
Да, Данска која секако ќе има предност пред Перу и Австралија која ќе биде во слична ситуација како и Исланд (во однос на домаќините). Можеби за некого ќе е изненадување, за мене секако не, со Франција тие ми се кандидатите од нивната група.

Е после Данска, во следната фаза ќе е она познато клише на неинвентивните новинари „Финале пред финалето“, кога очекувано е Аргентина да игра четвртфинален меч против Португалија или Шпанија, во зависност од тоа кој ќе биде на првата, а кој на втората позиција во групата.

Меси против Кристијано или на мегдан вистински натпревар против Шпанија.
Но и за тоа немам сомнеж околу резултатот.

На ред ќе е полуфинале.
А полуфинале пак со новинарското клише и досадни наслови, уште едно „финале пред финалето“, Аргентина-Германија.
Да, овојпат полуфинале.
И не верувам дека пак ќе му се посреќи на Геце.

Така беше со Аргентина во Мексико 86-та и следното во Италија 90-та.
Сега на ред е обратната ситуација.

И после Германија, следува финалето во Москва.

Нема да ве замарам со развојот на ситуацијата во втората гранка, но таму ја очекувам репрезентацијата на Уругвај во финале. Уругвај, кој очекувам дека ќе го елиминира префорсираниот Бразил во полуфинале или четвртфинале (зависно од претходно освоените места по групи). Уругвај со Табарез кој има 2 Сп зад себе со прилично значителен успех по отсуството во Германија 2006-та и со можеби најсилен и највоигран состав досега. 
За таа гранка, во некоја следна прилика.

Сега засега само оваа претпоставка ми е битна:
Финале на  15-ти јули на СП во Русија меѓу Аргентина и Уругвај.

П.С.
А оние кои не разбираат фудбал очекувам дека прво прашање ќе им е „А како со Шпанија?“ :))))

No comments:

Post a Comment