14.2.18

Зошто настапот на Ставре Јада е важен за Македонија и за Олимпизмот кај нас?

Ставре Јада го имаше својот прв настап на Олимпијадата во Пјонг Чанг. Стартуваше во дисциплината која не е својствена за него и под медикаментска терапија, поради малата настинка во претходните три дена. Но, ова не е воопшто „оправдување“ за претпоследното место во Спринтот (пред чиј старт се откажаа многу од послабите натпреварувачи, па остана само светската елита и многу мал дел „средната категорија“), напротив ова е еден солиден настап што треба да постави нова патека кон вистинскиот успех на овој „нордиец“.



Зошто?

Од многу причини, а јас само ќе наведам неколку.

Прво и основно е што ние како мала земја без никаква значајна историја во овие спортови и без никакви позначајни резултати, настапот на самите Олимписки игри со освоена А-норма е многу поважен. Сепак, Македонија е во оние земји кои има желба и секако „ветар во грб“ што го дава Македонскиот Олимписки Комитет за овие спортови и подготовки. Затоа мораме тие факти секогаш да ги имаме предвид. Не беше далеку настапот на тренерот на Ставре Јада, Ѓоко Динески кој излезе од шумата на стартно целната рамнина во време кога се доделуваа медалите, па тоа стана настан кој цел свет го спомена како „геслото на олимпизмот“ дека нема откажување, важно е да се стигне на целта. Потоа Ѓоко Динески стана нашиот најискусен нордиец, доби стипендии од Скандинавците. Го земаа дури во еден момент и под своја закрила. Ете го денес Ѓоко е тренер на Јада и прави пренесување на искуството кај штотуку полнолетниот Ставре, за подобри и подобри резултати со кои Македонија мора само да се гордее.

Втората работа е што Македонија ни понатаму не може да очекува успех од овие спортисти, ако не направи нешто во државата како комплетен програм, не само за олимписки циклус, туку подолгорочен, десетгодишен или и повеќе.

А како тоа би изгледало?

Многу едноставно. 
Онака како што работат другите мали земји без големи резултати во овие спортови.
Се прави првенство, се филтрираат резултати и на крај по година или три, ќе видат кои се тие во кои ќе треба да застанат целосно финансиски и мотивирачки. А останатите елементи од првенството продолжуваат како филтер за селектирање.

Во случајов тоа би изгледало вака:

Ставре Јада е токму пример за таков исчекор.
За него знаеме е дека е од ретките што има и „генетски материјал“ за овој спорт. Неговиот татко беше „нордиец“, со не многу големи резултати, но со активно спортување локално во рамките на Македонија и околните балкански земји. Неговиот дедо исто така. Во 70-те години од минатиот век освои неколку трофеи во истиов спорт, локално во рамките на Македонските натпревари. Значи, тој дел од материјалот го имаме на вистинското место. Во младиот Јада. И го имаме конечно и на големите настани. Си освои А-олимписка норма. Стигна до Олимпијадата на 18 годишна возраст, нешто за кое неговиот татко и дедо сонувале цел живот.

Е сега, оттука е важен моментот „иднина“.

Да бидеме искрени, со „домати и пиперки“ не се станува професионалец и не се освојуваат трофеи меѓу светската елита. Задолжителен е професионалниот пристап во сите сегменти, од исхрана до одмор, од тренинг до опрема.

Сега е моментот, државата, Федерацијата и самиот Јада, да одат на ниво погоре.
Тоа значи да се обезбедат услови за врвни тренинзи и циклус.
Ставре Јада ќе биде македонска гордост, само под услов да замине да живее во Скандинавија.
Тоа подразбира да биде стипендиран, да замине на пример во Норвешка или Финска, да продолжи таму со школувањето во рамки на спортов. Таму да стане член на некој од нивните клубови. Цела година да се натпреварува, да учи од најдобрите и да тренира со најдобрите. Исхраната и суплементите да му бидат под посебен надзор и режим.

За следната Олимпијада ќе имаме еден друг Ставре Јада.

Нема да се спорни веќе бодовите за исполнување на норма.

И тука е веќе третиот момент потоа. 

Македонскиот Олимписки Комитет ќе биде она наше „ветар во грб“. (а тие знаат како треба и знаат дека се` е остварливо со добра програма и нивната поддршка) 

Тогаш, Ставре „знаменосецот“ ќе биде нашата „нордиска“ гордост. Тогаш нема да се сомневаме дали ќе заврши или ќе биде последен. Напротив, ќе очекуваме влез во финале, а потоа и меѓу првите 10, на следната или таа по неа Олимпијада.

Ставре ќе биде нашиот „нордиски Горан Пандев“, ако смеам да направам таква паралела, колку за пластичен опис.

По Ставре ќе тргнат еден куп Крушевчани и Мавровци.
Најдобрите ќе бидат филтрирани низ државните првенства, а најдобриот еден, двајца или тројца, по 10-15 години ќе ги пратиме кај Ставре Јада во Финска, под негово покровителство да го развиваат „нордискиот спорт“ од Македонија.
Знам дека ова е само една хипотетичка ситуација, но тоа е онаа иднина и тоа е тој циклус што ни е потребен и зад кој сигурен сум дека ќе застане државата и МОК.


А сега е шансата. 
Генетскиот материјал го имаме. 
Да го продолжиме во обликување, форматирање и сетирање.